И Скопје ќе има Мон Мартр на седум сквера

359

Град Скопје по примерот на големите европски метрополи ќе им овозможи бини на уличните уметници каде што ќе можат да настапуваат. Такви мали бини ќе бидат поставени на седум локации и покрај  нив ќе има и уметнички инсталации, маси за играње шах, фонтани, осветлување, детски реквизити, улична библиотека, паметни клупи и многу зеленило, дрвја и цвеќиња.

Ова е предвидено со тендерот кој го распиша Град Скопје со кој се бара седум неуредени локации во градот да се уредат во скверови во кои ќе биде поставена бараната урбана опрема.

– Паметните клупи треба да располагаат со приклучоци за полнење мобилни телефони, безжичен интернет и ноќно осветлување. На дел од локациите се бара да се предвидат и уметнички инсталации и мала бина за улични уметници – информираат од Град Скопје.

Од Градот појаснуваат дека локациите потекнуваат од проектот на Центарот за иновации на град Скопје – Скопје Лаб.

– Минатото лето започнаа активностите каде на граѓаните им се даде можност да предложат содржини и начини за уредување на поголем број на зелени површини. Тоа се вршеше преку пополнување на разни прашалници (на терен и електронски), како и преку посебни интерактивни мапи – велат градските власти.

Оттаму додаваат дека во пилот проектот биле селектирани 12 локации, а од истите се избрани посочените седум.

Тимот на Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб) во месец јули работеше на иницијатива за дизајнирање на зелени јавни површини/паркови, кои потоа  Град Скопје треба да ги ревитализира (озелени и облагороди со урбана опрема) и ќе се обиде да ги „оживее“ приказните од минатото за тие локации, доколку има такви.

– Ова иницијатива дојде на предлог од наш граѓанин кој имаше мапирано дваесетина локации во градот на кои им треба ревитализација. Доколку иницијативата покаже успех континуирано ќе се работи на мапирање и дизајнирање на нови јавни површини во Скопје кои може да се уредат во согласност со потребите на граѓаните – велат од тимот на Скопје Лаб.

Сквер е предвиден кај Под Кале, кај зелениот простор кај Мартиновски, и е со површина од околу 2.600 квадратни метри. Зелениот простор спроти  „Рамстор“ (Стопанска банка на булеварот „Јане Сандански“) е со површина од околу 2.000  квадратни метри. Урбаната зелена површина до слаткарница „Палма “ „Парк со летниковец“, во општина Аеродром има 1.068 квадрати. Ќе се уреди и потегот покрај булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ – од НБРМ до мостот „Мајка Тереза“ на река Вардар и е со површина од 680 квадратни метри. Уредување ќе претрпи и зелениот простор на аголот помеѓу  булеварот. „Илинден“ и улицата „Никола Тесла“ во општина Карпош што е на површина од 1.470 квадратни метри, потоа паркот кај маркетот „Веро“ и пожарна во Карпош, на површина од 1.000 квадратни метри, како и кај паркот пред и позади амбулантата „Млин Балкан“ до маркетот „Веро“  во Центар, на површина од 585 квадратни метри.

 (А.П.)