Зеленски се обрати пред израелскиот Парламент: Можете да им помогнете на Украинците

70

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати преку видеоконференциска врска пред израелскиот Парламент, објави Би Би Си.

Тој веќе разговараше и со други пратеници низ светот, вклучително во Велика Британија и САД, барајќи поддршка.

Зеленски повлече паралели меѓу руската инвазија врз Украина и Втората светска војна.

Тој истакна дека инвазијата „не е воена операција“.

– Тоа е војна од целосен обем чија цел е уништување на нашиот народ, уништување на нашите деца, семејства, државност, градови, култури и се што ги прави Украинци. Затоа имам право да ја повлечам оваа паралела во историјата. Нашите војни за опстанок и Втората светска војна, нагласи Зеленски во своето видео обраќање.

Зеленски им кажа на израелските пратеници дека нацистичката партија, позната како НСДАП, била основана во Германија пред 102 години на 24 февруари, истиот датум кога оваа година Русија ја нападна Украина.

– Тие повторно ги кажуваат овие зборови – „конечното решение“ – во однос на нас, украинската нација… беше кажано на состанокот во Москва, рече Зеленски, кој е Евреин, а некои од неговите роднини загинаа во Холокаустот.

Тој го повика Израел да му помогне на отпорот на украинскиот народ против руската војска.

Зеленски го повика Израел да и даде оружје на Украина и праша зошто не воведе санкции кон Русија.

Според него, Израел ја има најдобрата воздушна одбрана во светот и вели „дефинитивно можете да му помогнете на нашиот народ, да ги спасите животите на Украинците“.

Украинскиот претседател, исто така, ја цитираше починатата израелска премиерка Голда Меир, во неговото видео обраќање, со зборовите „ние сакаме да живееме, но нашите соседи сакаат да не видат мртви“.

„Остануваме, подготвени сме за компромис“, додаде тој. Тој правеше директна паралела помеѓу сегашната Украина и историјата на Израел, соочени со арапското непријателство.