Aктерката Звездана Ангеловска е 29.  лауреат на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Ангеловска единствената награда на фестивалот која го носи името на Ристо Шишков, а се доделува за високо актерско остварување, ја доби за улогата на Таа во претставата „Само Глас“, во продукција на Македонскиот народен театар. Наградата ја доби во конкуренција помеѓу триесетина актери од земјата од странство. Во образложението на жири-комисијата, меѓу другото, стои дека Ангеловска  манифестирала модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален и општествен миг.

„Звездана Ангеловска ни овозможи поглед во внатрешниот свет на нејзиниот лик, изнесувајќи ги своите лични ставови, а преку нејзиното ламентирање се реконструира и пошироката слика на општество од социјален, идеолошки и религиозен аспект. Ангеловска својот лик го надградува со користење и на музички средства, во секој миг беше посветена и уверлива во својата креација на ликот, актерски моќна и стамена. Трансформациите на ликот го покажуваат актерскиот дијапазон на Ангеловска, дијапазон со океанска длабочина и небесна широчина! Таа манифестираше модерен актерски израз во контекст на актуелниот глобален општествен миг, рече Александра Пешевска – претседател на жири-комисијата.

Наградата за високо актерско остварување Звездана Ангеловска ја добива вторпат. Претходно таа наградата ја доби и во 2003 година. Во тридецениската историја на фестивалот, таа е единствениот актер на кој му успеало два пати да се закити со ова високо актерско признание. Наградата традиционално се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и паричен износ од 1.500 евра. Ангеловска не присуствуваше на доделувањето во Струмица, па наградата ќе ѝ биде врачена дополнително. Поради пандемијата исто како и лани фестивалот се одржа под посебни протоколи. Во салите во кои се играа претставите беше дозволено присуство на публика, но само 30 проценти од нивниот капацитет, а актерите и публиката задолжително требаше да поседуваат сертификат за вакцинација или документ за прележан ковид во изминатите 45 дена. (З.Ѓ)