Засадени седум платани за секоја деценија постоење на Архитектонски и Градежен факултет

158

Седум нови дрвца од видот платан, по едно за секоја деценија постоење на Архитектонскиот и Градежниот факултет, се засадија во паркот што се наоѓа во кругот на оваа образовна институција. Платанот е омилено дрво во урбаните средини и многу булевари во светските метрополи дел од својот шарм му го должат на ова преубаво листопадно дрво.

– Седумте нови платани се овде благодарение на Град Скопје, односно на градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ кое ги засади. На тој начин овој простор ќе го направиме уште повеќе атрактивен за граѓаните – изјави деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина кој најави дека наредната година паркот ќе се збогати со нови содржини, а дел од наставата ќе биде изнесена надвор.

Честитајќи ја 70-годишнината од постоењето на Архитектонскиот факултет, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов потсети дека минатата есен е обновено зеленилото во овој парк, а поставена е и подземна водоводна мрежа за наводнување, како и урбана опрема.

– На тој начин овој парк може да им служи на скопјани во овој централен урбан дел. Градот сериозно е посветен на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и заштитата на животната средина. За тоа говори бројката од 7.000 садници засадени во есенската акција за зазеленување на градот, како и преуредување на дрворедите низ улиците и булеварите – истакна Шилегов. 

(А.П.)