Во Музејот на македонска борба за самостојност вечерва започнува четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Манифестацијата ќе започне со беседа за великанот Поповски, отворање на изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање.

Говорот ќе го одржи проф. д-р Кристина Николовска, а со обраќање на директорката на Музејот, Даниела Николова ќе биде отворена изложбата на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, коишто претставуваат музејски фонд, кои по повод 90-годишнината од неговото раѓање, по првпат ќе бидат презентирани пред јавноста.

Во Музејот вечерва ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинешен добитник на почесното признание „Антева златна книга“ е академик Влада Урошевиќ, а на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски. Книгата „Небесни разговори“, за којашто ја доби наградата, првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста.

Ќе бидат врачени и наградите „Антев златник“ – на Елизабета Баковска и Димитар Аранаудов и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова. За остварувањата на добитниците на наградите ќе говори проф. д-р Венко Андоновски, којшто годинава беше и претседател на жирито на конкурсот „Антево перо“. Во завршницата на првиот ден од манифестацијата ќе се одржи и поетско читање.

Манифестацијата продолжува утре во Лазарополе, родното место на Анте Поповски, каде што ќе се одржи и научниот симпозиум „Антево дело“, којшто од годинава има меѓународен карактер и од којшто ќе произлезе и зборник на научни трудови. Програмата предвидува и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувана според неговата прва книга – „Одблесоци“.

Во текот на третиот ден предвидена е посета на родната куќа на Анте Попоски, по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“.

-Оваа година, манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ има најбогата програма досега, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука, наведуваат организаторите.