Палентата зазема значајно место во нашата традиционална исхрана. Се смета за здрава храна, а може да се комбинира со зеленчук, сирење и месо. Историски, е јадење што потекнува од северна Италија.

Кај нас е позната и како качамак, а нејзината примена на трпезата полека го зазема вистинското место. Ви предлагаме една одлична идеја за оброк со палента.

Состојки: 

  • 400 гр палента
  • 1 л вода
  • 150 гр кајмак
  • 1 лажичка сол
  • 200 гр кравјо тврдо сирење или кашкавал
  • 100 гр сланина
  • 1 црвена пиперка
  • 6-7 маслинки

Подготовка:

Во посолена зовриена вода постепено додавајте ја палентата со непрекинато мешање, па варете ја на умерена температура со постојано мешање. Кога ќе се згусне, тргнете ја од оган, додадете кајмак и малку бибер, промешајте ја и истуирете ја на плех, кој е обложен со хартија за печење. Палентата во плехот израмнете ја во правоаголна форма, да биде подеднакво распоредена.

Врз неа изрендајте сирење или кашкавал, ставете сецкана сланина, сецкана црвена пиперка, сецкани маслинки и најгоре уште еднаш изрендајте кашкавал.

Ставете ја во загреана рерна и печете 15 минути на 180 степени, додека убаво не зарумени.

Печената палента исечете ја на коцки и сервирајте ја. Врз неа можете да посипете насецкан магдонос.

Уживајте во вкусот!