Закерберг и неговата сопруга Чан ќе инвестираат 3,4 милијарди долари за развој на науката

24

Компанијата што ги води филантропските работи на извршниот директор на Фејсбук Марк Закерберг и неговата сопруга Присила Чан ќе инвестира околу 3,4 милијарди долари за подобрување на здравјето на луѓето во следните 10 до 15 години, изјави портпаролот на таа организација.

Иницијативата Чан Закерберг (ЦЗИ) синоќа објави податоци за плановите за поддршка во таа област, чија цел е набљудување, мерење и анализа на биолошкиот процес низ човечкото тело.

Организацијата, која има мисија да лекува, спречи или да управува со сите болести до крајот на векот, соопшти дека својата научна работа во следните 10 години ќе ја насочи кон развој на нови истражувања, институти и технологии кои ја помагаат нејзината мисија.

Портпаролот на ЦЗИ Џеф Мекгрегор рече дека ќе бидат дадени 500 милиони долари за формирање на институт на Универзитетот Харвард кој се фокусира на вештачката интелигенција. Институтот, кој ќе ги добива овие средства во следните 15 години, ќе го носи името на Карен Кемпнер Закерберг, по мајката на Закерберг.

Портпаролот прецизира дека меѓу 600 и 900 милиони долари ќе бидат наменети за нов институт за биомедицинско снимање, а една милијарда долари за Чан Закерберг Биохаб мрежата, нова иницијатива која ги обединува научните институции за работа на „големи научни предизвици“.

Посебно од 800 милиони до милијарда долари ќе бидат дадени во следните десет години на Биохаб Чан Закерберг, чија цел е да развие технологии за превенција на болести.

Другата компанија на Закерберг, Фејсбук, неодамна го промени своето име и лого, а новото име е Мета платформс.