И што сега – ќе биде ли Заев премиер?

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по добивањето на мандатот за состав на Влада рече дека тој се подготвува премиер да биде цел четиригодишен мандат, што е спротивно на ставовите на потенцијалниот коалициски партнер ДУИ, од каде што бараат премиер Албанец барем една година од четиригодишниот мандат на идната влада. Заев потврди и дека, сепак, со ДУИ се преговара за премиерското место. Тој порача дека од ДУИ треба да бидат флексибилни оти најмногу мандати на изборите освои коалицијата „Можеме”

77

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на државата Стево Пендаровски. Во обраќањето пред претседателската вила „Водно“, откако мандатот му беше врачен, Заев рече дека најверојатно, пред да помине законскиот рок од 20 дена, земјава ќе добие ефикасна влада, влада која ќе го продолжи вистинскиот пат – кон ЕУ, која ќе го развива концептот „едно општество за сите“, ослободена од какви било национализми и етнички предрасуди. Тој истакна дека претстојните 20 дена се нивниот „мегдан да формираат влада и парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник“, а дека тој  се подготвува премиер да биде цел четиригодишен мандат, што е спротивно на ставовите на потенцијалниот коалициски партнер ДУИ, од каде што бараат премиер Албанец барем една година од четиригодишниот мандат на идната влада.

-Да, се спремам да бидам премиер четири години, но да им дадеме шанса на преговорите со големата партија со која преговараме ДУИ, бидејќи и за тоа премиерско место се преговара. Но да, пак ќе речам, се подготвувам да бидам премиер четири години, изјави Заев.

Заев вчера рече и дека дента ќе имаат средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но не сакаше да даде повеќе информации за да не го наруши процесот на преговори.

-Не би сакал медиумски преговарачки процес. Веднаш штом ќе најдеме решение за сите прашања кои не се затворени, веднаш ќе бидат соопштени одлуките. Имаме успех во многу аспекти со Ахмети, но имаме и прашања кои сè уште не ни се отворени, а кои се прилично сериозни прашања. За деталите околу прашањата не би разговарал. Се надевам на успех затоа што граѓаните кажуваат кој со кој треба да седне. И од ДУИ треба да бидат флексибилни оти најмногу мандати на изборите освои коалицијата „Можеме”. Јас верувам дека постојат опции, но црвените линии мораат да бидат интересите на граѓаните. На крајот на денот, нашата земја треба да има Влада што поскоро за да се зафати со сите домашни и меѓународни предизвици, рече Заев.

Во однос на ставот на претседавачот со Парламентот, Талат Џафери, дека претседателот на Собранието во рок од три дена треба да ги извести пратениците за чинот на доделување на мандатот, Заев рече дека сега кога нема претседател, пратениците ќе дознаат од медиумите дека тој го добил мандатот и дека со тоа Џафери само сакал да си ја заврши својата деловничка обврска.

Заев тврди дека разговорите за обезбедување мнозинство течат со заемно разбирање и аргументација на ставовите и политиките.

-Ако граѓаните ја доживеат горчината дека некој е под уцени, Ахемти, Заев, Мицкоски, Касами, Села,…, таа ќе остане и тоа остава трага. Тоа не смееме да го дозволиме. Уцени не смее да има туку аргументи, ставови, програми, кадри, определби тука да ги најдеме решенијата, рече Заев.

Во однос на тоа дали ќе го врати мандатот ако не успее да формира влада за 20 дена, Заев потсети на ситуацијата од претходните избори кога ВМРО-ДПМНЕ го врати мандатот, а тој доби шанса и успеа. Но, Заев е уверен дека сега тој ќе успее да формира Влада.

-Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе им додели мандат да им служат на граѓаните, истакна Заев откако го доби мандатот и рече дека Македонија ќе добие влада која ќе го продолжи јасниот правец – ЕУ, просперитет и долгорочна стабилност, ќе има квалитетни, одговорни и отчетни кадри, а приоритет ќе бидат економијата, борбата со криминалот и корупцијата, како и прочистувањето на правосудството.

Претседателот Пендаровски пред да го довери мандатот се обрати кусо.

-Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието, рече Пендаровски.

Според член 90 од Уставот, по добивањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.