Заврши рокот за апликации за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води во Скопје

38

Денеска, во 12 часот по локално време заврши рокот за поднесување на апликациите за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води – Скопје за град Скопје.

-Горд сум што испишуваме нова страница во историјата на Скопје. Идејата за самото отпочнување на овој капитален проект, пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за нас претставува мотивација и поттик да продолжиме да работиме со вложување на сите капацитети и ресурси не само за целите на нашето претпријатие, туку и за доброто на сите граѓани, за заштита на животната средина, за подобрување на условите за живот за нас и за идните генерации. Благодарен сум на сите инволвирани страни, како ЕИБ, ЕБОР, Министерството за животна средина и Владата што ја препознаа вистинската вредност на овој проект и ни ја дадоа својата поддршка за реализација на истиот – истакна  Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“.

Како што информираше Линдита Шакири, раководител на проектна единица за имплементација на проектот ПСОВ, до истекот на рокот за поднесување на апликациите, се поднесени  12 апликации. Сите апликанти кои до истекот на крајниот рок поднеле само електронска апликација, се обврзани најдоцна до 14.10.2020, во 12 часот по локално време да ја достават апликацијата и во печатена форма.

Имено со потпишување на договорите помеѓу Владата и Европската Инвестициона Банка и Европската банка за реконструкција и развој се затвори финансиската конструкција за проектот за изградба на пречистителна станица на град Скопје.

Во согласност со одредените фази за имплементација на капиталниот проект ПСОВ , во вредност од 136.000.000 евра, ЈП „Вововод и канализација“ работи на реализација на истиот, што е доказ за заложбите за унапредување на условите за живот за сите граѓани како и инвестирањето во високо квалитетна животна средина.