Заврши реконструкцијата на „Александар Урдаревски“ во Бутел

37

Со ноќно бележење на хоризонтална сообраќајна сигнализација, викендов заврши реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“ во општина Бутел, на потегот од кружниот тек на улицата „Боца Иванова“, до крстосницата со улица „Бутелска“, во должина од околу 800 метри.

На овој потег од улицата целосно е отстранет стариот и оштетен асфалт од коловозот и е поставен нов асфалтен слој. Претходно, беше изведена комплетно нова атмосферска канализација и другите подземни инсталации.

– Оваа фреквентна улица во Бутел е една од најважните сообраќајници за граѓаните од таа општина, кои во голем број секојдневно се движат и поминуваат по овој нејзин дел – потенцираат градските власти.

Градот Скопје ја продолжува праксата реконструкциите на сите улици да ги завршува во најбрз можен рок за да се олесни одвивањето на сообраќајот без да се создава метеж.

Реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“ е една од низата кои се реализираат во овој период, во насока на обезбедување побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град, а градежната офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници со иста динамика ќе продолжи и во наредниот период во сите скопски општини.