Заврши онлајн Филозофскиот филмски фестивал, вториот дел – наесен

55

Со концерт во живо на пијанистката Ема Попивода, синоќа во Кинотеката заврши првиот македонски дигитален фестивал „Пролетни онлајн миграции“ – пролетен дел од 10. Филозофски филмски фестивал (ФФФ).

На концертот организиран во соработка со Град Скопје, Попивода се претстави со музичкиот перформанс „Acoustic Electronics“ во кој познати хитови од Kraftwerk, New Order, Bronsky Beat, Derrick May, Orbital, DЈ Rolando, Fatima Yamaha, Prodigy… беа обработени и изведени на пијано.

Во изминатите десетина дена „Пролетни онлајн миграции“ беа организирани како солидарна културна акција во соработка со Кинотеката и македонската VоD платформа Cinesquare и со институционална поддршка на Град Скопје.

Тричленото жири (Стефан Палитов, Станислав Лигужињски и Стефан Видиков) ги објави добитниците на годинашните награди во Официјалната селекција за краткометражни филмови. Наградата „Златен був“ и симболична парична награда, првпат на фестивалот како дел од солидарната културна акција, му припадна на режисерот Шејди Сроу за израелско-германско-палестинската копродукција „Осло“.

Специјалното признание „Стефан Сидовски-Сидо“ коешто, исто така, првпат е востановено годинава во чест на починатиот професор, филмофил и мајстор на аматерскиот филм, му припадна на германскиот филм „Розово ветување“ на режисерката Софи Линенбаум. Во селекцијата на краткометражни филмови, избрани од д-р Дејан Здравков, беа 20 филмови од 17 земји.

На Фестивалот ревијално беа прикажани уште три краткометражни филма. ФФФ првпат понуди и избор на среднометражни филмови. Филмската програма беше
заокружена со сегментот ФФФ Docs со три остварувања.

Организаторите за наесен (30 октомври – 8 ноември) го најавија вториот дел од 10. Филозофски филмски фестивал и тогаш ќе биде прикажан останатиот кинотечен дел – Официјалната селекција на долгометражни филмови, ревијалната програма „Филм-философија“, меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната
програма и ФФФ Караванот. Предвидени и потврдени се голем број филмски остварувања и повеќе домашни и странски гости и учесници