Забрана за градење кај „Беко“ има, ама нема волја да се спроведе

341

Според „Шанса за Центар“, останува нејасно зошто се дозволува продолжувањето на градењето и зошто обвинителството не носи мерка за запирање на работите, ниту дали Општината или која било друга институција можат да запрат недозволено градење кога инвеститорите тоа го прават на своја рака. Тие сметаат дека ова е уште еден пример дека граѓаните се оставени на милост и немилост на моќниците и на немоќта или намерното непостапување на институциите

Дали има забрана за градење на парцелата на ТЦЦ „Плаза“ (старо „Беко“), откако таму со денови непречено се одвиваа градежни активности, јавно прашаа од „Шанса за Центар“.

Оттаму велат дека до советниците во Советот на Општина Центар на последната седница имало информација дека на посочената локација сè уште има забрана за градење и покрај тврдењата на инвеститорот Друштво за економски консалтинг, услуги и трговија „Економско биро“ ДОО Скопје, дека таквите решенија на инспекцијата се поништени од второстепената комисија.

– Секторот за инспекциски надзор на општината одговoри дека последната жалба која ја поднел инвеститорот Економско биро ДОО Скопје до второстепената комисија е одбиена како неоснована – нагласуваат од „Шанса за Центар“.

Притоа додаваат дека последен пат градежен инспектор донел Решение за отстранување на 30 декември 2020 година кога при увид констатирал дека таму наместо дозволеното едно, инвеститорот си пробил две нивоа под земја. Во информацијата се вели дека и покрај затворањето на градилиштето, решението за отстранување и Заклучок за дозвола за извршување, инвеститорот си продолжил со градба.

Според „Шанса за Центар“, останува нејасно зошто се дозволува да продолжи градењето и зошто обвинителството не носи мерка за запирање на работите, ниту дали Општината или која било друга институција можат да запрат недозволено градење кога инвеститорите тоа го прават на своја рака.

Тие сметаат дека ова е уште еден пример дека граѓаните се оставени на милост и немилост на моќниците и на немоќта или на намерното непостапување на институциите.

Инспекторите на Општина Центар повеќе пати интервенираа за да ја сопрат незаконската градба на објектот кај поранешно „Беко“ и повеќе пати на инвеститорот му беше издавано решение за стопирање на градежните работи.

Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна пред три години, бидејќи од раководството на Општина Центар, кога на чело беше градоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но, при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново.

За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба, но затоа што Општина Центар го воведе мораториумот за градење на нејзина територија  инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа, во мај 2019 година почна со градежни работи, беше поставена дури и втора плоча, како и арматури за носечките столбови.

(А.П.)