Забавниот парк ќе биде готов во 2023 година, а ќе чини околу 12 милиони евра

333

Град Скопје ја избра фирмата „Прима Инженеринг“ да го изработи основниот проект за новиот Забавен парк за сума од 4,8 милиони денари кој ќе се гради на локацијата на постојниот во Градскиот парк.

– По добивањето на проектот, веднаш ќе биде распишан тендер за изведувач и есенва очекуваме да стартува изградбата. Според нашите проекции, Забавниот парк ќе биде готов во 2023 година, а ќе чини околу 12 милиони евра – потенцираат градските власти.

Основниот проект главно ќе биде изработен врз основа на новата студија од BAUStudio architects (BAUSSAA) од Италија, согласно Одлуката за примање на донација од оваа италијанска фирма донесена од Советот на град Скопје и склучен договор заведен во Град Скопје во 2019 година, како и делови од идејниот и основниот проект изработен од „Билд Урбан“ ДООЕЛ Скопје.

Забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Притоа, се предвидува веќе набавените седум реквизити (TEACUPS, MINI TRAIN, SAFARI TRAIN, SKY DROP, TECHNO JUMP, SWINGER, JUMP AROUND) кои сè уште не се монтирани да се вклопат во новото партерно решение, а дополнително треба да се набават уште 20 и тоа: панорамско тркало, мини тркало, туркање со тркалезни автомобилчиња, комплекс игралиште, мини пирати, антички авантуристички автомобили, сафари-турнеја, семеен ролеркостер, тајфун, ролеркостер, пиратски брод, возење на тобоган, акваманија, твистер ролеркостер, туркање со автомобилчиња, рингишпил, летечки велосипеди, различни игри, скај флаер и туркање со бротчиња.

Освен реквизитите, паркот треба да има фонтана, билетарница, влез и чекирање, продавница за сувенири, слатки и храна (ако има можност на повеќе локации), тоалети на повеќе локации – притоа да се искористи проектната документација од претходно изработените основни проекти, водена површина (доколку има можност), фуд корнер, простории за техничка поддршка и БМС-контрола, остава за разна опрема и простории за помошен персонал и гардероби, работилница, урбана опрема (клупи и огради), како и табли за движење на посетителите.

Во паркот ќе се влегува пеш со користење на постојната инфраструктурна мрежа во Градскиот парк, а во случаи на ПП-интервенција, за амбулантни возила и дотур на стока до Забавниот парк ќе се влегува во дефиниран часовен режим. Паркирањето за посетителите ќе биде решено во околните паркинзи и катни гаражи.

(А.П.)