За француската критика Трпчeски е магионичар на пијано

385

„Постојат одлични изведувачи кои свират клавир и прекрасни пијанисти кои создаваат музика. Меѓу првите се Фишер, Шнабел, Кортот, Пирес, Брендел и Лупу. Меѓу оние другите се Хофман, Хоровиц, Моисевич, Болет…. и секако Трпчески. Тие се музичари, чија уметност се изразува со извонредното владеење, со сите звучни ресурси на клавијатурата која ја сакаат и ја величаат… Трпчески е магионичар на пијаното…“ е само мал дел од извонредната критика од познатиот француски музички критичар Ален Ломпеш по рециталот кој македонскиот пијанист Симон Трпчески, на 17 ноември, го имаше во Националното радио на Франција во Париз.

Критиката, која излезе на престижниот сајт за класична музика „Бахтрак“, подробно ја фали изведбата на секое дело од програмата од страна на Трпчески кој пред француската публика се претстави со делата на Брамс, Лист, Прокофјев и Мусоргски.

„Како вистински мајстор, тој ја отсвири Седмата соната на Прокофјев. Тој создава неверојатен звучен свет, неговата изведба е убедлива, публиката ја прави среќна, а од нив добива заслужени овации…“, продолжува со суперлативите Ломпеш.

Рециталот подоцна беше пренесуван на каналот на „Франс мјузик“.

Рециталот во Париз следеше по неговиот настап во Детроит, Америка на 9 ноември, а неговиот следен настап е во Сент Луис исто во Америка, во Ташкент, Узбекистан на 12 декември, во Франкфурт Германија, во Виена, Австрија…, за во јануари наредната година на 17 јануари повторно да се претстави пред американската публика во Принстон, Њу Џерси.