За “Трампи“ -30 милиони, за “Еден тон патлиџани“ – 900 илјади денари

308

Режисерот Ѓорче Ставрески, кој доживеа голем успех  во Македонија, но и на светските фестивали со црната комедија “Исцелител“,  за својот втор долгометражен филм со мнозински македонски удел насловен “Трампи“, од Агенцијата за филм на располагање ќе има 30 милиони денари.

Тамара Котевска, корежисерката на “Медена земја“, македонски кандидат за Оскар, овој пат за дебитантскиот долгометражен филм “Човек против јато“ добива 20 милиони денари. Пари за дебитантски филмови добија и Срѓан Јанаќиевиќ за филмот “Осветлен“ (21,5 милиони денари), Ибрахим Деари за “Сите говикаат Реџо“ и Саша Станишиќ за  “Денот на жената“ по (23 милиони денари) …

Ова се дел од петнаесетте филмови кои го поделија “филмскиот колач“ од вториот рок за финансирање на долгометражни, кратки, документарни и анимирани филмови.

Во категоријата долгометражни филмови со малцински македонски удел Агенцијата издвои средства за филмовите “Сирена во Париз“ во продукција на “Сестри и брат Митевски“ (4милиони денари), кој е македонско –француско-белгиска копродукција, а исто толку доби и “Дедо оди на југ“ (копродуцент Словенија). Филмот “Изгубената тајна“ во копродукција со Турција доби 9 милиони денари, “Ера“ копродукција со Косово (3 милиони денари), а филмот “GYM“, копродукција со Словенија (27 милиони денари).

Од документарците, пари се издвоени за “Нејзината приказна“(2,1 милиони денари), “Ветената земја“ (3 милиони денари), “Човек од машината“ (2,3 милиони денари).

Пари има и за кусите “Почва“  (2.8 милиони денари) кој е краткометражен игран филм со македонски мнозински удел , додека дебитантскиот краткометражен “Еден тон патлиџани“ на Охо продукцијаta во режија на Сандра Ѓоргиева доби 900 илјади денари.