За изградба на црквата Св.Лидија Македонка во Ченто се бараат донации и градежни работници

800

Тоне Димковски бара донации за да продолжи да се гради црквата Света Лидија Македонка во населбата Ченто кај што беа старите гробишта. Тој за весникот ВЕЧЕР изјави дека во 2014 година кога беше поставен камен темелникот беа таксани златна, сребрена и бронзена лопата и со тие средства требаше да се почне со изградбата.

– Тогаш беа таксани вкупно 10 илјади евра за купување на лопатите – 5.000 за златната, 3.000 за сребрената и 1.500 евра за бронзената лопата со кои беше поставен камен темелникот на црквата. Но, тие што ги купија лопатите до ден денеска не ги дадоа парите. Освен еден од нив кој вети дека бесплатно ќе го даде бетонот за градењето и ќе ја направи камбанаријата. Другите двајца ништо не дадоа – вели Димковски за весникот ВЕЧЕР.

Тој сега јавно бара градежни работници: ѕидари, тесари за објекти и изградба на црква, како и донатори кои би донирале средства за изградба на црквата.

– Ајде помогнете да најдеме мајстори, материјали имаме, но немаме кој да работи – потенцира тој.

Осветувањето на камен темелникот на црквата во 2014 година го изврши Неговото Блаженство г.г. Стефан со повеќе епископи и свештенослужители на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Црквата има дозвола издадена од општина Гази Баба на вкупна површина од 4.109 квадратни метри на земјиште откупено на 25 септември 2013 година со Договор за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба меѓу општината Гази Баба и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

(С.Бл.)