За девет месеци туризмот донесе 308,05 милиони долари

238

Третиот квартал на 2019 година резултираше со девизен прилив од туризам поголем за 4,77% за разлика од истиот периодот минатата година. Вкупниот девизен прилив за првите три квартали од тековнава година изнесува 308,05 милиони долари, што е за 3,03% раст, споредбено со 2018 година.

Трендот на пораст на девизниот прилив е континуиран и е во линија со очекувањата на Агенција за промоција и поддршка на туризам – АППТ. Оттаму сметаат дека тековната година ќе достигне 400 милиони долари девизен прилив од туризам во 2019 година или за 5% повеќе од минатата, 2018 година. Долгорочен и одржлив развој на туризмот е стратегијата на Агенцијата, која се практикува преку промоција на туристичките содржини на земјава во странство и поддршка овозможена преку различни проекти во земјава.

Податоците за месец октомври 2019 година покажуваат пораст на странските туристи за 19,3% и 11,3% кај домашните споредбено со истиот период во 2018 година, додека вкупниот број на странски туристи во 2019 година, согласно месец октомври е повисок за 6,1% кај странските, додека 1,8% кај домашните туристи во споредба со 2018 година. Бројот на ноќевања го следи истиот позитивен тренд и десеттиот месец од годинава е во пораст за 9,6% за разлика од лани, додека првите 10 месеци од 2019 бележат раст од 2,4% во споредба со истиот период минатата 2018 година.

Промоцијата и поддршката на туризмот очигледно помагаат во исполнување на стратешкиот план на АППТ, со кој се очекува раст од 5% до 7% на бројот на туристи и ноќевања, односно надминување на бројката од 1,3 милиони туристи и приближно 4 милиони ноќевања.