Јас ги почитувам мерките затоа што се грижам за луѓето околу мене

Стефан Јосифовски, кој е родум од Велес, пред 10 години замина во Словенија. Таму се запиша во средно хемиско училиште. Пред една година дипломираше технологија на полимери. На словенската музичка сцена е активен веќе четири години под уметничкото име „Ел Македонер“. Но, исто како и тука и таму луѓето се соочуваат со немилосрдниот замав на коронавирус. За моменталната состојба во Словенија тој вели:

Улиците не се како порано. Луѓето само преку ден одат на кратки прошетки. На тие прошетки максимално можат да одат пет луѓе и тоа од исто семејство инаку се плаќа казна. Маркетите работат, но со скратено време.

Стефан Јосифовски

Стефан вели дека сè уште не може да се навикне на животните промени, а слободното време дома гледа да го искористи на најсоодветен начин.

– Сето ова е ново за мене и тешко се навикнувам. Јас сè уште одам на работа и работам како управител на сменска работа. Преку недела работам, а поради моменталната состојба поради вирусот за викендтите сум дома. Тогаш ја средувам куќата. Одвреме-навреме ќе изиграм некоја игра на плејстејшн. Секогаш ќе напишам некој текст за песна бидејќи ако имам инспирација можам да напишам и по десет страници, но има моменти кога и со глава во ѕид да удираш, не можеш рима да составиш – раскажува тој.

 

Стефан е совесен музичар која не мисли само на своето туку и на здравјето на другите луѓе. Поради тоа тој строго ги почитува сите мерки и смета дека не треба да сме опкружени со голем број на луѓе.

– Мислам дека треба сериозно да се сфати ситуацијата затоа што ако не се сфати сериозно подоцна ќе има фатални последици. Најважно е да не сме со голем број луѓе. Храбро да го издржиме овој период, а потоа сè ќе се врати во нормала. Се ќе биде како што треба само ако се придржуваме до предложените мерки од надлежните. Јас ги почитувам мерките, но не затоа што се грижам за себе туку околу мене има и други луѓе на кои вирусот може да им донеса болка која не би им ја посакал. Така да јас ги почитавм и ќе ги почитувам се додека не се смири ситуацијата – додава музичарот.

 

Во Словенија пред неколку дена беше издаден неговиот прв официјален албум „Адекватно стање“ .Последната  нумера е „Ангели“ за која излезе спот. Албумот содржи петнаесет песни во кои се изразуваат различни чувства и тематики со цел да допрат до сите. А, во иднина ни најави нумери на македонски јазик. (М.Анчевска)