За 100 килограми отпад, Град Скопје дава 30 килограми органско ѓубриво

64

Продолжува кампањата за бесплатно собирање на остатоци од берба за да се спречи палењето на стрништата.

– Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи. Заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 071-395-395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад. Оваа кампања годинава ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион – информираат од Град Скопје.

Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, Град Скопје како дополнителна мотивација годинава нуди можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад. Овој проект ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје.

Лани оваа кампања даде одлични резултати – бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад.