ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Проблеми

752

Среќата е производ на духот, одговорноста и способноста да се препознаат добрите нешта во периодот кога се закануваат неизвесните животни околности.

Од голема важност е како се справуваме со ограничувачките влијанија и дали потклекнуваме пред животните кризи и тешкотии. Многу нешта зависат од волјата, упорноста и пристапот кон проблемите. Малодушноста, стравот и пасивноста никогаш не можат да донесат позитивни резултати.

Колку и да е силно влијанието на надворешната околина, од нас зависи како ќе се поставиме кон околностите на животот. Секој духовно осознаен човек знае дека суштината не е во отстранувањето на проблемите, туку во нивното преобразување. Проблемите се составен дел од постоењето и тие честопати будат мотив за иницирање значајни промени. Впрочем, кога не би имале проблеми и искушенија, тогаш не би знаеле колку вредиме и како се справуваме со тешките удари на судбината.

Мудро постапување е кога поседуваме силна волја и посветен дух во борбата против негативните изблици на постоењето. Вредноста на личноста се преиспитува низ способноста за создавање подобри услови на живеење воспоставени низ етичко и трудољубиво работење.

Ако не можеме да иницираме промени надвор од нас, должни сме да се усовршуваме и менуваме внатре во нас. Позитивната лична промена е основна за да ги подобриме состојбите надвор од нас. Незадоволниот, несреќен и фрустриран поединец не може да иницира афирмативен развој на нештата, бидејќи е опфатен од негативизмот и насекаде шири напнатост и тешкотија. Од друга страна, среќниот, радосен и исполнет човек својата позитивна енергија им ја пренесува и на другите, придонесувајќи барем за миг и тие да ги почувствуваат убавите вибрации на животот.

Луѓето отсекогаш се разликувале според нивото на свест и совест, како и низ определбата за морално постапување, способноста за снаоѓање во критични ситуации и критериумот за вредност, цел и смисла во животот.

Проблемот е кога духовно се губиме како личност, станувајќи слаби, ранливи, несигурни и неспособни за препознавање на вистинските вредности на животот. Тогаш по нас тргнува кармата – таа како железна нужност ќе нè соочи со последиците произлезени од неразумното и неодговорно однесување. За жал, денес многумина живеат под влијание на ниската свесност, површноста, егоизмот и материјализмот, така што предвидливо е овие поединци со какви проблеми ќе се сретнат и каква судбина ќе привлечат.  

Ниското ниво на свест за препознавање на вистинските вредности е најголемиот непријател на хармоничното живеење. Кога непромислено постапуваме и не водиме сметка за последиците од своето неморално однесување, нужно ќе се соочиме со проблеми, тешкотии и ограничувања. Дармата (хиндуистички термин за позитивна животна должност) дава многу шанси за подобрување, себеосознавање и фокусирање кон правилниот пат на постоењето. Проблемот е кога духовно се губиме како личност, станувајќи слаби, ранливи, несигурни и неспособни за препознавање на вистинските вредности на животот. Тогаш по нас тргнува кармата – таа како железна нужност ќе нè соочи со последиците произлезени од неразумното и неодговорно однесување. За жал, денес многумина живеат под влијание на ниската свесност, површноста, егоизмот и материјализмот, така што предвидливо е овие поединци со какви проблеми ќе се сретнат и каква судбина ќе привлечат.

Современиот начин на живеење постојано го притиска човекот, соочувајќи го со површни задоволства, неморал, лаги, интриги и манипулации. Култот на телото, предметното и материјалното ги потисна вредностите на душевното, духовното и етичкото.

Да се тргне кон погрешниот пат стана исклучително лесна определба, но да се негуваат моралот, достоинството и совесноста за многумина е невозможна мисија. На таквите поединци како поубаво да им е да ги прекршуваат начелата на одговорноста, должноста и етиката, а некои со своето алчно и сурово однесување претпочитаат да ги експлоатираат или повредуваат слабите и незаштитените. Дури, има ликови кои својата фрустрираност и изопаченост ја експонираат со неразумна предаденост на ниските страсти, насочувајќи ги своите блудни постапки кон малолетните.

Релативизирањето на моралот, неказнетото прекршување на законот, манипулирањето и немањето соодветни примери на доблесно и одговорно однесување меѓу врвните политичари и функционери си го направи своето. Ловот во матно стана посакувана појава наметнувајќи ја тезата дека кога се работи за моќ, пари и ниска страст не треба да се очекува морал, чест и одговорност. Верноста на должноста сè повеќе станува невозможна мисија за поголемиот број од политичарите. Сето тоа во преден план ги истакна мамењето, лицемерието и лажењето. Негативноста сè повеќе зема замав, а позитивниот пристап сè помалку го има во меѓучовечките односи. Фокусот е ставен врз парите, телото и лажните изблици на славата. Ако овој тренд продолжи, тогаш ќе нема спас за општеството (човештвото), бидејќи како што потенцирал папата Франциско, „светот уште подлабоко ќе потоне во трескавичен консумеризам насочен кон ниски страсти и површност на постоењето“.

Каде е излезот од таквите деструктивни појави и што треба да направиме за да го постигнеме мирот со себе и извлечеме од вителот на негативизмот и површните форми на живеење?

Сите ние имаме потреба од сигурност во несигурен свет полн со борби, неправди и тешкотии. Колку да оди бавно воспоставувањето на мирот, сигурноста и стабилноста, сепак со инвестирање во личниот развој и надградбата на личноста може да се постигне индивидуален и колективен напредок.

Клучот е да се едуцираме и насочиме кон себеразвојот бидејќи постојаните борби и искушенија многу лесно може да ни создадат криза, неуспех и стагнација. Основно е да учиме од животните искуства, да вложуваме во тоа што е добро и да ги препознаеме сопствените вредности, но и туѓите добронамерни обиди за подигнување на свеста и за мотивација кон позитивните основи на постоењето. Секој самосвесен и духовно осознаен поединец е должен да се надградува со читање книги во кои преовладува практичниот пристап кон разните животни проблематики и да бара решение за проблемите на егзистенцијата. Треба да имаме на ум дека моќта е во знаењето, а спасот е во себеспознанието. Стекнатата мудрост, изградениот карактер и вложувањето во духовноста ќе ни помогнат да направиме разлика помеѓу доброто и лошото; вистината и лагата; инспирацијата и манипулацијата итн.

Сепак, колку и да сакаме оптимистички да прозвучиме, светот во кој живееме е полн со лаги, интриги, измами, егоизам и негативизам, така што потребна е голема мудрост за да се дистанцираме од сите форми на лошото постапување.

Никола Тесла сметал дека мирот и прогресот ќе произлезат од универзалното (духовно) просветление на луѓето. Тој потенцирал дека од сите неразбирливи отпори, оној што најмногу го оневозможува човековото напредување е незнаењето. Буда, пак, сметал дека неукоста е најголемото зло на светот, а Сократ подучувал дека знаењето е пат кон доброто и хармонично живеење. Дури и во епохата на кинескиот филозоф Конфучије се знаело дека едуцираноста на населението е најдобар репрезент на една нација и главен предуслов за напредок на општеството.

Секој го добива тоа што го заслужува и го дава тоа што го носи во себе. Кога ќе почнеме да работиме на самите себеси и акцентот да го ставаме врз знаењето, позитивноста и духовноста, тогаш и Бог ќе нè дарува со нештата што ги заслужуваме – внатрешен мир, љубов, хармонија и позитивна промена.

Задача на секој духовно осознаен поединец е да ги поттикнува луѓето кон личниот развој, напредокот и убавите нешта на постоењето. Меѓутоа, колку и да се обидуваме да укажуваме за повисоките вредности, ако кај луѓето не постои интерес за надградба, сето тоа ќе биде јалова работа. На човекот можеме само да му земеме, но не и да му дадеме ако лично не покаже интерес за такво нешто.

За сè се потребни двајца – инспириран писател (говорник) и фокусиран читател (слушател) кој сака да вложува во знаењето и во позитивните вредности на постоењето. Секој го добива тоа што го заслужува и го дава тоа што го носи во себе. Кога ќе почнеме да работиме на самите себеси и акцентот да го ставаме врз знаењето, позитивноста и духовноста, тогаш и Бог ќе нè дарува со нештата што ги заслужуваме – внатрешен мир, љубов, хармонија и позитивна промена.

Без соодветно образовани и афирмативно насочени поединци, илузорно е да се надеваме дека ќе живееме во хармонично и праведно општество кое ќе биде еднакво за сите. Затоа клучот е во едукацијата, надградбата и определбата да бидеме на страната на светлината и со својот дух да се бориме против наездата на неукоста, манипулацијата, заглупувањето и подреденоста пред силите на темнината.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)