Железничкиот сообраќај нормализиран

585

По петдневен прекин, од денеска нормално, според возниот ред, функционира патничкиот железнички сообраќај, додека товарниот е воспоставен во текот на вчерашниот ден.

Машиновозачите го прекинаа протестот што го почнаа во вторникот откако од раководството им ветија дека ќе им се исполни барањето додатокот за квалитет да им се зголеми од 30 на 40 проценти. Со тоа на нивните сметки со наредната плата ќе легнат уште 1.000 до 1.500 денари. Со протестот тие се изборија и за подобри услови за работа.

Во петокот раководството на Железница на вработените кои протестираа по пошта на домашна адреса почна да им дели отказни решенија со објаснување дека штрајкот е нелегитимен, бидејќи не е организиран од ниту еден од многуте синдикати во Железница Транспорт. Дел од постигнатиот договор е и тоа овие откази да не важат и сите машиновозачи да се вратат на работа.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески штетата од неработењето на железницата е околу девет милиони денари.