Експертите и државата со различни пресметки, струјата ќе поскапи за 10 или 20 отсто?!

Според пресметките на експертите, струјата за домаќинствата по Нова година ќе се зголеми за повеќе од 20 отсто. Но, според информациите од АД ЕСМ се очекува тоа да биде 10 отсто. Но, кога на ова ќе се додадат трошоците на МЕПСО и оние за увоз на струја, би можело цената за граѓаните да се зголеми и за повеќе од 10 отсто. Освен цената проблем е и недостигот на струја за компаниите, поради тоа бизнис-заедницата бара да се зголеми домашното производство, и да се активираат сите домашни капацитети

417

За колку ќе поскапи струјата? Според пресметките на експертите струјата за домаќинствата по Нова година ќе се зголеми за повеќе од 20 отсто. Но, според информациите од АД ЕСМ, се очекува тоа да биде 10 отсто. Но, кога на ова ќе се додадат трошоците на МЕПСО и оние за увоз на струја би можело цената за граѓаните да се зголеми и за повеќе од 10 отсто. Освен цената проблем е и недостигот на струја за компаниите, од Стопанската комора на Македонија предупредија дека мора да се зголеми домашното производство, и да се активираат сите домашни капацитети, бидејќи ситуацијата е алармантна.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, во изјава за МИА вели дека намалување на цените на електричната енергија може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните, поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година.

-Во Европа повеќе не се кажува до кога ќе трае енергетската криза, бидејќи што и да кажале во изминатиот период било промашено како датум. Посоти гледање дека намалувањето на цените може да се очекува од втората половина на месец април, па понатаму. Но, тоа намалување, да знаеме сите, значи намалување во однос на сегашните цени, во однос на драстичното поскапување, објаснува претседателот на РКЕ.

Посочува дека во однос на минатата година тоа подразбира цени за најмалку два пати повисоки отколку што ги имавме во првиот дел од годинава.

-Тоа намалување е, да не биде 220-230 евра, туку да падне на 110 -120 евра. За такво намалување станува збор, но тоа 110-120 евра за мегават-час што го нарекуваме намалување, всушност претставува зголемувње во однос на минатата година за повеќе од двапати, за жал. Но, верувам дека сега ќе ги чуеме и искуствата од другите земји, а во некои од нив, сигурно ќе бидат вклучени и владите со цел да се стабилизира колку што може ситуацијата во енергетскиот сектор, истакнува Бислимоски.

Инаку АД ЕСМ веќе ја објави тендерската документација во која повикува на прибирање на понуди за 810.000 тони јаглен за РЕК „Битола“ и 170.000 тони јаглен за РЕК Осломеј. Овој пат понудите ќе се прибираат до 31 декември 2022 преку отворен систем на набавки до исполнување на средствата. Минималните количества кои може да се достават се 50.000 тони за РЕК „Битола“ и 20.000 тони за РЕК „Осломеј“. Засега, ЕСМ објави дека е прифатена само една понуда до 90 илјади тони јаглен за потребите за РЕК „Битола“, како и 130 илјади тони за РЕК „Осломеј“, кој исто како и ТЕЦ „Неготино“ треба да почне со работа оваа недела. Во РЕК „Битола“ се работи и на санација на третиот блок, кој според информации од државната ЕСМ, би требало да почне со работа следната година. Во моментов во комбинатот работат двата блока.

Од Комората најавија дека се во фаза на регистрација на сопствена компанија за трговија со електрична енергија која ќе се грижи за потребите на нејзините членки. Целта на компанијата велат не е создавање на профит, туку да им се помогне на компаниите членки да имаат сигурност при набавката на електрична енергија во услови на криза и да придонесе за отстранување на високите маржи кои им ги наплаќаат трговците со струја.

Бизнис-заедницата бара итно да се обезбеди електрична енергија, бидејќи цените на берзите секојдневно растат, а дистрибутерите им ги откажуваат нарачките или им бараат повисока цена. Маржите кои си ги наплатуваат снабдувачите се превисоки, од 10 до 15 отсто, кои за компаниите се превисоки.

– Ситуацијата е ургентна. Цената порасна од 5 до 7 пати, а зимата уште не сме ја виделе. Цената од трговците е загрижувачка. Затоа имаме лоши сигнали, особено од производителите на храна, кои не можат да го издржат ударот од поскапата струја, изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора.

Според експертите, пак се очекува струјата по Нова година да поскапи за повеќе од 20 отсто, бидејќи цената на светските берзи е покачена за повеќе од 10 пати. Ова зголемување од 20 отсто е реално, бидејќи во моментот ЕСМ електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН „Хоум“ по цена од 36 евра за мегават-час, а на светските берзи во моментов е над 300 евра за мегават-час.

(А.С.)