Се роди ново име на македонската естрада, а тоа е бендот “Македоника“ со музичари кои се музички високообразовани и естрадно искусни, вели еден од актуелните членови Мише Боев, саксофонист и кларинетист за весникот ВЕЧЕР. За нашето Кате, која сите многу си ја сакаме, бидејќи е пред сè голем другар, можам да речам слободно дека таа со новиот бенд повторно се подмлади, жената не старее, а излезе од едногодишната пандемиска изолација и сега со колегата во бендот, Јовица Мицевски Бамбус, подготвуваме нови песни идни хитови

(Дуле МИЌИЌ)

После толку многу шушкања дека ќе се случи, тоа и се случи. Популарната македонска пејачка Катерина Кате Танева (Ѓорѓиев) замина од групата “Нели ти реков“. Точката е ставена, а зад неа остана 25-годишна успешна кариера со членовите на групата. Многу испеани хитови меѓу кои најомилениот “Запри дожду“.

Инаку, самата Кате во изминатиот период најавуваше дека ќе има некои важни промени во нејзината кариера, но не сакаше ништо конкретно да открива. Мудро молчеше, како светските ѕвезди пред одлучувачки потег. Сега сè е јасно и сè е на виделина. Кате од пред неколку дена е и официјална пејачка на новата група “Македоника“ со кои веќе настапува откако попуштија здравствените мерки во врска со коронавирусот, но секако и понатаму според сите пропишани протоколи.

– Се роди ново име на македонската естрада, а тоа е бендот “Македоника“ со музичари кои се музички високообразовани и естрадно искусни, вели еден од актуелните членови Мише Боев, саксофонист и кларинетист. За нашето Кате која сите многу си ја сакаме, бидејќи е пред сè голем другар, можам да речам слободно дека таа со новиот бенд повторно се подмлади, излезе од едногодишна пандемиска изолација и сега со својот колега во бендот, Јовица Мицевски Бамбус, одлично е подготвена со пеењето да ја освојуваме македонската музичка сцена со нови песни, идни хитови.

Веќе влеговме во студиото, снимивме нова песна која се надевам ќе биде промовирана во текот на летото некаде на отворено, а во која темата е секако љубов, непресушна инспирација за пеење. Песната во дует (ќе) ја пеат Кате и Јовица.                                Како што вели и самото име на бендот “Македоника“, тоа значи дека мора да го оправдаме името бидејќи е големо и свето, така што ќе се држиме до нашиот македонски музички препознатлив репертоар, сакан, омилен не само овде во Македонија, туку и во странство, вели Мише за весникот “Вечер“.

И самата Кате неодамна и во интервјуто за весникот “Вечер“ велеше дека кај неа често судбината ги меша прстите. – Така е. Мојата судбината. Јас во душа бев рокерка, бев и некоја која исто така многу ги сакаше и шлагерите, забавната песна. Кога на времето дојдоа да ме бараат момците од “Нели ти реков“ да им бидам пејачка, јас ама воопшто не сакав да слушнав за тоа. Но мојот драг татко имаше поинакво мислење од мене. Тој беше за тоа да го прифатам предизвикот, да излезам од дома, да тргнам од некаде, а тој е тука да ми биде мојот заштитник. Покрај него не смееше ни влакно од косата да ми фали. Така и бидна.

Но, еве после 25 години заеднички настапи со “Нели ти реков“ Кате на групата ѝ кажа збогум, па продолжува таму кај што застанала, отсега со бендот “Македоника“.
– Одвај чекав колку-толку да се смири ситуацијата со вирусот и фала му на бога, работите одат во позитивна насока што е секако добар сигнал за нас музичарите, пејачите. Нестрпливо дочекавме да имаме живи контакти со публиката, да настапуваме, нели доста ни е на сите од оние онлајн концерти. Само во живо, да другаруваме, да се гледаме едни со други додека пеам, сите да му се радуваме на животот и убавата македонска песна, вели харизматичната Кате.