ЕКСКЛУЗИВНО – ВЕЧЕР НА НОВИОТ МОСТ: „Михајло Апостолски“ ги спои Аеродром и Ќерамидница, засега само пеш!

11280

Привршуваат градежните работи на новиот мост „Михајло Апостолски“ во Аеродром. Вечер направи ексклузивни фотографии од новиот мост кој е речиси готов и по него веќе поминуваат пешаци.

Иако сабота и недела беа неработни денови, механизација турбо работеше и на првиот и на вториот ден од новава година. Со ровокопач се вадеа огромните камења од под мостот и со камиони се изнесуваа, додека валјак го набиваше и рамнеше теренот од страната на Ќерамидница. Додека пак, од страната на Аеродром, булеварот „АСНОМ“ на потегот од хотелот „Русија“ и до мостот е речиси асфалтиран, остануваат уште десетина метри до спојот со улицата „Васко Карангелески“. 

Очигледно на изведувачот му се брза да ги дозаврши работите на и околу мостот. Но, останува непознаница кога ќе биде пуштен во употреба, односно кога ќе може да се вози по него, бидејќи од страната на Ќерамидница допрва треба да се пробие булеварот АСНОМ, а за да се случи тоа, ќе треба да се урнат околу 150 објекти. Првите куќи се на само дваесетина метри од завршетокот на мостот.

– Мостот ќе се доврши, но уште поважно во оваа фаза е да се потрудиме што е можно поскоро да се пристапи кон тоа да се решат овие имотноправни спорови, кои во овој момент ги има таму за да може мостот да биде поврзан. Не е проблем изградбата на мостот, тој ќе биде изграден, меѓутоа поврзувањето од обете страни е нешто кое има повеќе имотноправни спорови неодамна појасни скопската градоначалничка, Данела Арсовска.

Мостот кој е со должина од 120 метри треба да поврзува три општини, Аеродром, Гази Баба и Центар и истиот е впишан во параметрите на моментално важечкиот ГУП.

– Планот на Градот Скопје е изградбата на овој проект да се заврши, поради што ќе се продолжи со разрешување на имотноправните предмети и спорови со цел реализација на проектот. За жал, овој проект претходниот градоначалник го почнал без да има чиста состојба, односно нерешени се околу стотина имотноправни предмети. Поради неодговорната работа на претходното раководство на градот, за изградба на овој мост, ќе бидат потребни повеќе години за негово поврзување, бидејќи почнал да се гради без обезбедено решение како би се завршил целиот проект – велат од кабинетот на Арсовска.

Идниот мост е со по три коловозни ленти во секој правец, со велосипедски и пешачки патеки. Капиталниот зафат опфаќа и изведба на јавното осветлување, водоводната и канализационата мрежа.

(С.Бл.) – Фото: С.Бл.