Еколошки протест за Вардариште во петок во 17 часот на рампата во Маџари: Вардариште за некого е бизнис дестинација, државата не мрднува со прст да ја затвори

164

Жителите на Маџари, Триангла, Ченто и Хиподром за петок во 17 часот најавуваат еколошки протест на рампата во Маџари. Велат дека на ваков начин сакаат да ги анимираат надлежните кои се, сe’ уште „заспани“ на нивните секојдневни апели и укажувања против “претоварната станица ” во Вардариште од која секојдневно се гушат поради смрдеата што излегува од оваа поранешна и сегашна депонија. Новинарката и еколошки активист, Југослава Дуковска смета дека Вардариште е најкомплексен проблем оти таму има цела една населба во која живеат стотици луѓе, со куќи, дворови и бизниси, а кои не постојат за државата

Жителите на Маџари, Триангла, Ченто и Хиподром за петок во 17 часот најавуваат еколошки протест на рампата во Маџари. Велат дека на ваков начин сакаат да ги анимираат надлежните кои се, сe’ уште „заспани“ на нивните секојдневни апели и укажувања против “претоварната станица ” во Вардариште од која секојдневно се гушат поради смрдеата што излегува од оваа поранешна и сегашна депонија.

Оттаму истакнуваат дека правото на чист воздух и здрава животна средина е основно човеково право и затоа ќе се борат до крај да го остварат.

– Влада не ни треба. Нека видaт со што живееме уште пред да ја направат таа фамозна влада, да знаат со што треба да се справуваат – вели Бобан Николовски.

Новинарката и еколошки активист, Југослава Дуковска смета дека проблемот е во нереакцијата на органите на државата кои имаат ингеренции нешто навистина да сторат.

– Јас како новинар сум била сведок дека градските инспектори редовно биле на терен, на Вардариште, но и дека немале поддршка од МВР, ниту пак од државниот инспекторат и надлежните министерства. Таму проблемот се луѓето кои нелегално и неконтролирано живеат на некогашното скопско градско ѓубриште и државата ништо не превзема, туку се прави како тие да не постојат. Веројатно со намера, да ги остави да вадат егзистенција на, и од ѓубрето. Некој од тоа добива и процент од заработката. Се депонира градежен шут на илјадници тони. И којзнае што уште се случува на тој огромен неконтролиран простор, со знаење на државните органи – смета Дуковска.

Таа вели дека Вардариште е најкомплексен проблем оти таму има цела една населба во која живеат стотици луѓе, со куќи и дворови и бизниси, а кои не постојат за државата.

– И сите носат вина. И општината и градот. Што е со ДУП-от за Вардариште и до каде е програмата за ревитализација на депонијата? Недозволиво е да ти живее цело село луѓе врз ѓубриштето, а за тебе како држава тие да не постојат (никој нема лични карти, луѓе – духови). А тие таму да се раѓаат, умираат, се бават со нелегален бизнис, ги малтретираат своите сопствени деца да живеат во услови во кои е жално и животно да гледаш да се мачи – коментира Дуковска.

Далибор Коцевски вели дека пред очите на државата се ствара цела една дива населба која што генерира исклучително сериозни проблеми.

– Се крадат материјални добра, се загадува воздухот масовно, никој не е регистриран никаде и што е најтрагично, сето тоа се случува на државно земјиште. Доколку сега не се дислоцираат од таму сите дивонаселени граѓани, извесно е дека во иднина проблемите ќе бидат се’ поголеми и поголеми – смета Коцевски.

Од граѓанската 02 Иницијатива де децидни дека истовар или претовар во Вардариште НЕ СМЕЕ да има.

– Вардариште според прописи ниту е официјална депонија, ниту пак претоварна станица, затоа што не ги задоволува минималните услови според правилникот од 2007 година. Вардариште е затрупана бивша градска депонија која чека санација и рекултивација. Во меѓувреме, таму секојднево со камиони се фрла секаков отпад, комунален, градежен, индустриски, а никој ниту испитал дали и колку е тој опасен, ниту пак има некаква контрола. Исфрлање отпад на место кое не е одредено за таа намена е казниво по закон – вела од О2.

Организаторите на протестот ги повикуваат да дојдат во петок и жители на Аеродром, Ново Лисиче и Лисиче бидејќи чадот што излегува од Вардариште ги загушува и нив. Велат дека протестот ќе го организираат според здравствените протоколи – задолжително носење маска и држење на дистанца од 2 метри.

(С.Бл.)