Еднакви услови за паркирање на лицата со попреченост независно од местото на живеење

Иницијативата потекнува од тоа што на 16 март 2023 година јавноста беше запознаена со случај во кој се казнуваат за непрописно паркирање лица со попреченост што го посетуваат Град Скопје од некои од другите градови во Македонија и се паркираат на места означени за лица со попреченост, при уредно платен надоместок за паркирање

69

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага ЈП „Градски паркинг“ да овозможи паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место на живеење и да ја прошири листата на дијагнози на лица со попреченост кои се сметаат за прифатени при стекнување на право на повластено користење.

Оваа иницијатива се најде на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврок. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се задолжи ЈП „Градски паркинг“ најдоцна за седум работни дена да изготви и донесе измени во Програмата за повластено користење на паркинг услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање на лица со попреченост за 2023 година до Советот на Град Скопје.

Како што се наведува во образложението, иницијативата потекнува од тоа што на 16 март 2023 година јавноста беше запознаена со случај во кој се казнуваат за непрописно паркирање лица со попреченост што го посетуваат Град Скопје од некои од другите градови во Македонија и се паркираат на места означени за лица со попреченост, при уредно платен надоместок за паркирање.

– Како град на солидарноста, но и град кој претставува административно- економски центар на државата, примерно е Град Скопје да им обезбеди на лицата со попреченост од сите градови еднакви услови да ги користат специјално наменетите места за нив на јавните паркиралишта – се нагласува во образложението на иницијативата.

Со оваа иницијатива се излегува во пресрет и на лица со други видови попреченост, а кои не се дел од листата на дијагнози од постојната програма, со тоа што се бара нејзино проширување.

(А.П.)