Државата ќе продава имот, ама ќе се натовари и со нови половина милијарда евра долг

134

До крајот на годинава и следната година доаѓаат за отплата големи суми кои државата ги позајмила. Нема простор за нови задолжувања, па затоа ќе се отуѓува државен имот, најави министерот за финансии Фатмир Бесими.

– Оние претпријатија кои ќе се понудат на продажба или како јавно-приватно партнерство сега претставуваат дополнителен товар за буџетот, а тоа значи помалку пари за развој. Формите како јавно-приватно партнерство и инвестициски фондови се нови начини на финансирање. Таков е и планот на Вархеи од 9 милијарди евра за Западен Балкан и привлекување на дополнителен финансиски капитал, рече Бесими пред пратениците бранејќи го Предлог-буџетот за 2021 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Јавниот долг на државата ја надмина критичната граница од 60 проценти, а според него тој не треба да веќе да расте.

Следната година државата ја притиска долг до 700 милиони евра. За да врати позајмени пари ќе треба да издвои 604 милиони евра, додека на банките и другите домашни купувачи на државни обврзници ќе треба да им исплати над 100 милиони евра.

Вкупниот долг кон имателите на државни обврзници во моментов се приближува до 1,9 милијарди евра, а и понатаму ќе се зголемува, со оглед на намерата на државата за финансирање на буџетскиот дефицит претежно да се задолжува дома.

Според проекциите за новиот буџет, новото задолжување во странство би изнесувало 870 милиони евра. Вкупно со домашното задолжување новиот долг би достигнал 1,2 милијарди евра. Ако од него се минусира долгот што ќе се врати од поранешните кредити, на контото на државата ќе остане нов долг поголем од 500 милиони евра.

Во буџетот за 2020 година за кој сè уште се расправа во Собранието предвиден е дефицит од 567 милиони евра или 4,9 отсто од БДП.

(С.В.)