Државата никако да се раздолжи сама со себе

 Долгот од 17 милиони евра го направиле 4.533 фирми и граѓани, меѓу кои голем број државни јавни претпријатија, акционерски друштва и разни институции, општински комунални фирми, но и познат фудбалски клуб, позната приватна болница, сообраќаен гигант, популарен музичар, адвокат...

117

Државата никако не успева да се раздолжи самата со себе, покажа и оваа, декемвриска листа на должници, што ја објави Управата за јавни приходи. На неа,   како и на сите претходни објавени во изминативе години, има голем број државни фирми, јавни претпријатија, акционерски друштва и други институции во сопственост на државата, но и општински претпријатија, главно комунални.

Од списокот никако не се симнува ЈП за одржување и заштита на магистрални и локални патишта, кое со долг од над четири милиони евра се наоѓа на осмата позиција и ги предводи сите државни должници, иако остварило добивка. Најголемиот долг е за ДДВ, а ова јавно претпријатие  не платило и данок на добивката. На листата повторно е и Македонската радиодифузија, а како неплаќачи објавени се и ЈП за стопанисување со објекти за спорт, Водостопанство на Македонија, Агенцијата за цивилно воздухопловство. На државата и должат и општината Карпош, неколку општински комунални претпријатија, ЈСП „Скопје“, тетовскиот центар за култура „Иљо Антевски Дрен“…

Инаку, декемвриската листа на УЈП е покуса од ноемвриската. На неа се истакнати вкупно 4.533 неплаќачи, од кои 2.006 се правни лица, што е за 14 помалку од минатиот месец и 2.527 се физички лица, што е за 12 помалку отколку на претходната листа. Тие имаат долгови доспеани до крајот на август, а неплатени до крајот на ноември по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Вкупниот долг е околу 17 милиони евра и за еден месец е намален за околу 1,5 милиони евра. Притоа, нето долгот за даноци и придонеси е над 160 милиони евра, што е за околу 1,5 милиони помалку од минатиот месец, додека пак долгот за царински давачки е зголемен за околу 1.000 евра и изнесува 2,6 милиони евра.

Освен државните и општинските фирми и институции овој долг го направиле и низа приватни претпријатија и физички лица, меѓу кои познат фудбалски клуб, сообраќаен гигант, заштитни работилници, неколку здруженија на возачи, производни погони кои пред повеќе години се отидени во стечај, позната приватна болница, потоа музичари, адвокати. Најголем дел од долгот и понатаму е од поранешните компании за производство на автобуси на Мексиканецот со македонско потекло Ангел Кастиљо, а и на оваа листа како неплаќач на давачките не изостана ни кумановскиот тутунски бос Бајруш Сејдији.

(С.В.)