Државата ги храни студентите по домовите со 50 грама месо, 100 милилитри млеко и 6 грама сирење дневно

237

МОФ презентираше факти за скромните трпези во студентските мензи. Дневниот трошок за подготовка на појадок, ручек и вечера на еден студент сместен во студентските домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“, ја чини државата 61 денар или 1 евро, а во тој износ треба да се вклучат и млечни и месни производи и овошје. За квалитетот на исхраната во студентските мензи говори и податокот дека на секој студент месечно му следувале и по еден килограм говедско и по 472 грама свинско месо, како и по 1,7 литри млеко и 1,8 литри јогурт, додека овошен јогурт добивале од два до три пати во годината. Што се однесува до киселото млеко, произлегува дека на секој трет студент од мензата му следувало по едно канче месечно, како и по 170 грама сирење и 190 грама кашкавал

Дневниот трошок за подготовка на појадок, ручек и вечера на еден студент сместен во студентските домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“, ја чини државата 61 денар или 1 евро, а во тој износ треба да се вклучат и млечни и месни производи и овошје. Овој податок беше кажан на прес-конференцијата што ја организираа од Младински образовен форум (МОФ) кои направиле истражување од 2015 до 2018 година за да се запознаат со состојбата внатре во домовите и како годиниве се правеле јавните набавки во Државниот студентски дом „Скопје“ под чија капа се трите дома.

– За скромните трпези на студентите најдобро говори податокот дека на годишно ниво Државниот студентски дом „Скопје“ купувал по 4.000 килограми банани, што значи дека студентите можеле да добијат по само една банана во месецот и тоа од помалите – истакна Петар Барлаковски од МОФ.

За квалитетот на исхраната во студентските мензи говори и податокот дека на секој студент месечно му следувале и по еден килограм говедско и по 472 грама свинско месо, како и по 1,7 литри млеко и 1,8 литри јогурт, додека овошен јогурт добивале од два до три пати во годината. Што се однесува до киселото млеко, произлегува дека на секој трет студент од мензата му следувало по едно канче месечно, како и по 170 грама сирење и 190 грама кашкавал.

– Во 2018 година, склучените јавни набавки во Државниот студентски дом опаднале за половина, зашто во институцијата немало човек со положен испит за јавни набавки, па се склучувале само неопходните набавки – пишува во анализата.

Од 2015 до 2018 бројот на студенти сместени во домовите е намален за 21 процент и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите.

Просечната оценка што студентите сместени во трите дома во Скопје, ја дале за условите и стандардот на живот во нив е 2,93 на скалата од 1 до 5 што говори дека не се задоволни од квалитетот на сместувањето. Најчестиот одговор на прашањето зошто се сместени во студентски дом е затоа што е најевтино и станарите не би можеле да си дозволат друго сместување или затоа што немаат друг избор за сместување. Притоа кажале дека во домовите им недостигаат простории за учење и за спортски и културни активности.

– Студентски стандард не е само соба во која може да се преспие, туку и простории за учење и простории за спортски и културни активности. Исто така, 92 процента од испитаниците никогаш не биле прашани за мислење и не учествувале во носење одлуки кои ги засегаат – рече Мартина Илиевска.

Според истражувањето, 40 проценти од испитаните студенти забележале коруптивни дејства во домовите (за добивање легло или привилегии), а 33 отсто имале лично искуство со некое коруптивно дејство. На прашањето дали би учествувале во коруптивно дејство, негативно одговориле повеќе од 70 проценти, а 89 проценти не знаат каде да пријават корупција доколку забележат.

“Државниот студентски дом Скопје“ се финансира од државниот буџет и од партиципацијата на студентите за сместување, која месечно е 3.410 денари.

– Ако се погледнат бројките за расходите во буџетите на ДСД – Скопје по години, се забележува дека само 15,23 проценти оделе за набавки за храна на студентите, а дури 29,2 проценти за плати на вработените на домовите и за членовите на управниот одбор. По 2014 година се забележува раст на финансиите што ги одделува државата за студентскиот стандард, вклучувајќи ги и расходите за изградба и реновирање на студентските домови – стои во анализата.

Студентите посочиле дека се соочуваат со непотизам, партиски притисоци и препродавање легла.

Државата со 120 денари ќе им го субвенционира оброкот на сите студенти

По скратена постапка се носи Закон за субвенциониран студентски оброк, за кој Владата даде позитивно мислење. Предлагачи се четворица пратеници од владејачкото мнозинство, Јулијана Николова, Александар Кирацовски, Сашко Костов и Џеват Адеми.

Предлагачите на законот велат дека со него треба да се подобри стандардот на студентите. Законот за субвенциониран студентски оброк се носи за прв пат во земјава, а висината на субвенцијата за студентски оброк ќе изнесува 120 денари дневно.

– Со имплементација на овој закон студентите ќе добијат можност во текот на денот да се хранат за значително пониска цена, кај давателот на субвенциониран студентски оброк кој склучил договор со Министерството за образование како давател на услугата, а плаќањето ќе може да го вршат преку мобилен телефон или преку студентска картичка – велат предлагачите.

Корисниците ќе имаат право услугата да ја користат од понеделник до петок во период од 8 до 20 часот. Доколку корисникот во периодот не го искористи правото на субвенционирање, износот од субвенцијата не му се префрла во наредниот ден. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 14 септември, како и за време на државни верски празници и неработни денови.

(С.Бл.)