Драмското студио Тетово најавува втора премиера за 2023 година – комедијата „Вај-Фај“, која се подготвува периодов за изведба на 9 мај во тетовскиот центар за култура „Иљо Антески Смок“.

Комедијата „Вај-Фај“ е текст на српскиот драмски автор Мирољуб Недовиќ, а преводот на драмскиот текст, адаптација и режијата се на Мирко Видоески.

Режисерот потсетува дека оваа втора премиера на Драмското студио следува брзо по првата премира на 11 март кога беше изведена монодрамата „Иконија, пардон матмазел Ика“, која беше одлично примена од тетовската театарска публика.

-Комедијата „Вај-Фај“ низ дијалозите на актерите ја отсликува денешната состојба во општеството. Притиснати со својата борба за егзистенција, истовремено се грижиме за сопствените деца , кои својот дом го засноваат некаде далеку, во туѓиот свет во којшто заминуваат по некој подобар живот, а на постарите (родителите) им останува со нив да комуницираат преку интернет (Wi-Fi). Иако на прв поглед делува како урнебесна комедија, во текот на претставата провејуваат повеќе жанрови како драма и мелодрама со сатирични сегменти. Недовиќ е авторот на комедијата „Европјани“ која пред шест години беше изведена од Драмското студио во Тетово и Скопје и којашто наиде на извонреден прием кај публиката, изјави режисерот Мирко Видоески.

Претставата е комедија на ликови, карактери, ситуации и дијалози. Во претставата настапува проверена актерска екипа на Драмското студио Тетово која ја сочинуваат Наташа Петровска, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски, Лазар Саровски и Игор Бачоски.