ДРАМА ДО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ – Заев: Верувам до небото дека ќе добиеме датум

Париз не ја открива конечната одлука во однос на одредувањето датум за Македонија и Албанија, но францускиот државен секретар за европски прашања пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, вчера, сепак со малку поблаг тон – порача дека не дошла во Луксембург со позиција да брани вето. Македонскиот премиер е оптимист, но очекува дека драмата ќе трае до последен момент, односно до петок, кога ќе се сретнат шефовите на државите членки на ЕУ. Финското претседателство вчера на маса официјално го стави раздвојувањето на преговарачкиот процес на двете земји

280

До последен момент ќе биде драматично во однос на одлуката за доделување на датум за старт на преговорите на земјава со Европската Унија, но премиерот Зоран Заев останува оптимист за датумот. Заев очекува дека одлуката ќе биде донесена на Европскиот совет, каде што крајниот збор ќе го имаат лидерите на земјите-членки на Унијата, а не министрите.

 -Верувам до небото дека ќе добиеме датум за преговори, останувам оптимист. Нашата земја уште од самостојноста до денес ништо лесно не добива, ние сме мала земја и се сме остварувале со мака. Зборувам за сите влади досега, не само за оваа, така што драмата во ЕУ веројатно ќе биде до последен момент. Сепак лидерите на ЕУ ќе пресечат, не нивните министри. Верувам дека одлука ќе ја донесе европскиот совет каде што се лидерите на земјите членки, изјави Заев на вчерашната прес-конференција.

Премиерот рече дека Македонија има целосно разбирање и нема проблем со новата методологија што ја бара Франција, а ќе значи реформа на ЕУ во поглед на проширувањето. Тој е убеден дека ќе им се даде фер шанса на земјите кандидати.

– Не постои земја во последните 20 години, која чекала одлука и добила, а направила повеќе од нас. Направивме реформи и внатре во земјата и на меѓународен план, од секој можен аспект сме пример за Европа и светот. Очекуваме секоја нова реформа во ЕУ да носи директни придобивки и овде, но очекуваме и ЕУ да го испочитува нашиот успех, рече Заев.  

Премиерот ја исклучи можноста за предвремени избори, дури и ако не добиеме датум, објаснувајќи дека и ако не добиеме датум „не смееме да ја загрозиме предвидливоста во општеството“. Тој најави дека пред почетокот на Самитот на ЕУ на 17 октомври ќе отпатува во Брисел каде што ќе разговара со лидерите на ЕУ последен пат пред донесување на конечната одлука, а потоа и за Луксембург непосредно пред Европскиот совет.

Наспроти оптимизмот на македонскиот премиер, расте неизвесноста околу одлуката за датум за Македонија. Францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург вчера сепак со малку поблаг тон – порача дека не дошла во Луксембург со позиција да брани вето.

 -Денеска не сум тука со позиција да бранам вето. Ќе разговараме за две димензии – отворање на преговори од страна на една подготвена Европа и реформа на процесот на преговорање. Тоа е долг и фрустрирачки процес за земјата која преговара и не создава доверба. Затоа ова е одлична шанса да разговараме како Европа може да ја реформира целокупната постапка за преговарање и пристапување. Станува збор за самиот процес кој мора да биде ефикасен и самите преговори да имаат структура. Франција смета дека Европа треба се реформира. Сите земји од Балканот имаат европска перспектива и тука нема двојби, но треба да изнајдеме кредибилни начини со цел да се создаде доверба и во регионот и во Европа. Граѓаните се тие кои не се задоволни, изјави де Моншалан.

Финското претседателство, пак, на маса официјално го стави раздвојувањето на преговарачкиот процес на двете земји, со оглед на подвоеноста кај земјите членки затоа што некои од нив имаат „поголем проблем со Албанија“, отколку со Северна Македонија. Според дипломатски извори, постои расположение дури и кај Италија и Грција да се прифати одвојувањето, а Бугарија се покажала многу потврда околу можноста за раздвојување и се очекува да бара вметнување на услови поврзани за билатералните односи.

Пред почетокот на состанокот, финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен, порача дека финското претседателство со Европската Унија е целосно посветено на процесот на проширување. Таа истакна дека Европа има обврски да одговори на регионот на Западен Балкан.

Париз официјално не откри со каква позиција ќе пристапи на министерски совет во Луксембург. Но, според меморандумот што го објави Блумберг, Париз е против каков било датум за формални преговори со Албанија и Македонија, пред ЕУ да ја заврши реформата на својата „методологија“, според која земјата – кандидат повторно ќе отвора веќе затворено поглавје доколку биде детектирано назадување или недоволен напредок.