Дојде како анонимец во Металург, а во Барса пристигна како најголема ѕвезда

156

Хрватскиот ракометен интернационалец Лука Циндриќ одигра главна улога во освојувањето на титулата во Лигата на шампионите со тимот на Вардар во 2017 година. Од овој момент неговата кариера многу брзо почна да се развива во посакуваната насока, направи трансфер во полскиот шампион Киелце, но оваа средина не му се допадна многу и од многубројните понуди што стигнаа на негова адреса ја одбра онаа на Барселона.

Но добро упатените во ракометот се сеќаваат дека Циндриќ својата афирмација во ракометот ја доживеа во Автокоманда. Тој беше откриен од хрватскиот ракометен стручњак Лино Червар и во 2014 година како анонимец од Карловац во пакет со Вуко Борозан пристигна во Металург. Но, мора да се напомене дека ѕвездените моменти ги доживеа во Вардар, а сега неговата цена вртоглаво расте.

Доказ за тоа е што за неговите услуги беше заинтересиран и најбогатиот клуб во светот, францускиот ПСЖ. „Светците“ за неговиот трансфер од Киелце беа спремни да дадат и над два милиони евра што ќе го направеше најскап ракометар на сите времиња, но неговата желба беше да заигра за Барселона.

Тој веќе беше претставен во Барселона и е шестиот Хрват кој ќе заигра за најтрофејниот европски ракометен клуб. Лука веќе позираше покрај логото на Барса во „Палау Блауграна“. Хрватот е првото и најголемо засилување за екипата на Чави Пасквал за сезоната 2019/20. Финансиските детали за неговиот трансфер не се. Сепак, се претпоставува дека се работи за рекорден трансфер и за обесштетување и за годишни примања.

Европскиот првак со Вардар пред три сезони, стана првак на Полска и играше со Киелце на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн, каде заедно со соиграчите го освои четвртото место.

Тој веќе ги мина лекарските прегледи и ќе биде претставен како нов ракометар, а од следната недела ќе му се стави на располагање на Пасквал за подготовките за новата сезона. Првата цел е АСОБАЛ Суперкупот и ИХФ Супер глоуб, каде можен противник му е европскиот шампион Вардар.