Донесено решение за отстранување на челичната конструкција пред гостилницата „Аманет“ во Општина Центар

298

Општина Центар донесе решение со кое му наложи на инвеститорот да ја отстрани челична конструкција обложена со стакло со димензии 10 x 11 метри, пред деловниот простор на гостилница „Аманет“, за која општинскиот овластен градежен инспектор констатира дека не поседува решение за поставување.

Овластен градежен инспектор на Општина Центар, постапувајќи по службена должност, изврши увид и констатира дека инвеститорот ДПТУ Примес ко. ДООЕЛ Скопје, со седиште на улица „Павел Шатев “ бр.2, Скопје, не поседува решение за поставување урбана опрема – челична конструкција обложена со стакло со димензии 10 x 11 метри, пред деловниот простор на гостилница „Аманет“. Овластениот градежен инспектор донесе решение со кое му се наредува на инвеститорот во рок од три дена да ја отстрани градбата, соопшти Општина Центар.

 

Во овој случај, се вели во соопштението, изјавена жалба против првостепеното решение со кое се наредува отстранување на наведените градби не го одлага извршувањето на решението согласно член 137 став 4 од Законот за градење.

-Општина Центар нема да дозволи нелегално поставување на градби и урбана опрема со што се оневозможува слободно движење по тротоарите и одвивање на сообраќајот, велат од локалната самоуправа.

Извор:МИА