Доделени два мотоцикли на подрачната полициска станица

49

За да се обезбеди поголема мобилност при извршување на теренските активности, Општина Карпош и додели два мотоцикли на користење на подрачната полициска станица – Карпош.

Од Општината велат дека мотоциклите ќе се користат од полициските службеници за навремено и поефикасно извршување на работните задачи, особено во делот на зачувување на мирот и безбедноста на територија на Карпош.

Локалната самоуправа честопати ја информира ПС Карпош за различни прекршоци и уништувања на јавните добра. Исто така, редовно се проследуваат и дописите и забелешките од граѓаните за нарушувања на јавниот ред и мир или за девијантно однесување на одредени локации.

Општина Карпош, во рамки на своите можности и надлежности продолжува да биде поддршка за полициската станица – Карпош. Основната цел е да се зголеми безбедноста во населбите и да се намали стапката на криминалитет.