Доброволци намерно ќе бидат заразени со Ковид-19 за да се тестира вакцината

40

Во Велика Британија, здрави доброволци би можеле намерно да бидат заразени со коронавирус за да се тестира можната вакцина за Ковид-19. Студијата треба да се спроведе во Лондон.

Владата на Велика Британија соопшти дека има дебата за развој на вакцини така што најпрво ќе се заразат здрави лица со вирусот. Сè уште не е потпишан договор за тоа, јави Би-Би-Си.

Професорот Питер Хорби од Универзитетот во Оксфорд рече дека верува дека студијата е добра идеја која има вистински потенцијал за унапредување на науката и подобро разбирање на болеста.

„Знаеме дека ризикот кај здраво младо возрасно лице без претходни состојби е екстремно низок. Се сомневавме и претходно, но навистина немавме цврсти докази, но сега мислам дека има јасни податоци. Друга работа што се смени е дека сега има некои третмани за кои се покажа дека имаат корист, па во случај некое лице да се чувствува лошо, може да им се дадат лекови за да се помогне во контролата на болеста“, наведува Хорби.

Тој додаде дека доброволците ќе бидат внимателно следени и нивниот имунолошки систем ќе се следи за да се види како реагираат на вирусот.

Студијата ќе биде финансирана од владата на Велика Британија и треба да започне во јануари. Истражувачите сè уште одбија да коментираат јавно, но велат дека испитувањата ќе играат клучна улога во стеснувањето на големото поле со ветувачки вакцини за Ковид-19, кои најверојатно ќе започнат со клинички испитувања на почетокот на следната година.

На доброволците прво ќе им биде дадена вакцината, а еден месец подоцна или нешто подоцна, ќе добијат доза на САРС-КоВ-2, вирусот кој предизвикува Ковид-19, наведе „Фајненшл тајмс“.