Низ центарот на Скопје од наредната година нема да се движат автомобили и тој дел ќе стане пешачка зона, најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на својата фејсбук-страница.

– Она што сега го работиме е догодина целосно да се затвори Мал ринг за возила и да стане пешачка зона, како што е секаде во светот. Тој дел ќе добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ ќе се прошири кон Собранието. Размислуваме единствено на тој простор да се движат автобусите од јавниот превоз – истакна Шилегов.

Тој додаде дека паралелно ќе се работи и на проширување на улицата „Даме Груев“ во булевар кој ќе треба да го прими целокупниот сообраќај што сега минува низ центарот на градот.

Како што велат градските власти, нивна заложба е обезбедување на поголем простор за движење на граѓаните, пред се во Малиот ринг.

– Идејата за правење на улицата „Димитрие Чуповски“ во пешачка зона со ограничен сообраќај (само за јавен превоз) е постара и истата зависи од претходно обезбедување на соодветна сообраќајна алтернатива, поточно проширување на улицата „Даме Груев“ и целокупниот сообраќај да се пренасочи по оваа улица, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието – изјавија од Градот.

Од таму информираат дека овој проект повеќе години бил закочен поради проблемите со објектот што се наоѓа на трасата на оваа улица, „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“) на улица „Македонија“, која го попречува проширувањето на улицата.

– Во моментов се изготвуваат соодветните проекти и истите се по почетна фаза, каде се планира целосно откупување и уривање на зградата „Макоил“, по што би се проширила улицата „Даме Груев“. По завршување на овие постапки, ќе се отвори можноста за интервенција на просторот на улицата „Димитрие Чуповски“, каде во план е тој дел да добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ ќе се прошири кон Собранието – потенцираат градските служби.

Најавуваат дека оваа есен во план е и да се уреди влезот кон плоштадот „Македонија“,  кај Триумфалната порта.

– Во план е да му се даде нов изглед на овој простор кој ќе вклучува и зеленило –  децидни се од Градот.

Најавената замисла на Шилегов за пешачка зона во центарот на Скопје е различно примена од скопјани. Додека едни ја фалат оваа идеја, други сметаат дека првиот човек на градот прво треба да го исчисти ѓубрето.

Скопјанката Генциана Стевчевска на социјалните мрежи оваа идеја на Шилегов ја оцени како неодговорна и предлага и улицата „Даме Груев“ да биде дел од пешачката зона.

– Нема да дозволиме да ги кастрите дрвјата покрај улицата. Доволно бетон има во тој дел. Жителите од Градски ѕид треба да дишат и живеат – коментира Стевчевска. 

 (А.П.)