Диви свињи напаѓаат во Пржино

1240

Диви свињи напаѓаат домашни миленици кои шетаат со сопствениците низ Водно, но и во населбите што граничат со парк-шумата. Опасните шумски животни се видени како во стада шетаат низ населбата Пржино и, освен за милениците, дивите свињи се опасност и за планинарите и за рекреативците кои пеш се искачуваат по тесните планинарски патеки.

До Центарот за управување со кризи (ЦУК) се пристигнати повеќе дојави од загрижени и вознемирени граѓани.

– Ако досега имало пријави само за контакт со диви свињи во високите шумски предели, сега стада диви свињи се појавуваат и во Скопје, како во случајов во Пржино, а и други населби на граница со природата во Скопско – велат од ЦУК. 

Оттаму посочуваат дека во последниот неколкугодишен период е зголемен ризикот од појавата на болеста африканска свинска чума кај дивите свињи околу Македонија, а сега и во Македонија.

– Бидејќи нема специјализирана институција за справување со ваква или слична појава, Центарот за управување со кризи (ЦУК) се обрати со барање за преземање законски надлежности до ЈП „Паркови и зеленило“, Инспекторатот за шумарство и ловство, Агенцијата за храна и ветеринарство. кои даваат и награда 250 денари за пријавена угината дива свиња. Барање е упатено и до министерствата за животна средина, земјоделство, МВР, до градоначалниците на Град Скопје и на Кисела Вода, како и до Зоолошката градина и до повеќе здруженија за заштита на животните – нагласуваат од ЦУК.  

До изнаоѓање трајно решение, кое би го донела и спровела некоја од наведените институции (пронаоѓање, заловување и пуштање на дивете свињи во природа на друга соодветна локација или со санитарен застрел или некое сосема трето решение), од ЦУК апелираат до граѓаните при евентуална средба со диви свињи, да се обидат да останат смирени.

– Да не ги напаѓаат дивите свињи со камења или со други прирачни средства за да не ги предизвикаат, зашто при одбранбена реакција, може сериозно да повредат граѓанин, а лицата што ги шетаат своите миленици (кучиња), да го избегнуваат „работ“ на населбата, каде што започнува шумата, бидејќи инстинктите на кучињата и на свињите се непредвидливи – потенцираат од ЦУК.

(А.П.)