Проектот „Денот на Баба Марта“ на Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ е избран меѓу десетте најдобри европски приказни во рамките на повикот „Приказни за европското културно наследство“, поддржан од Европската комисија и Советот на Европа, во рамките на програмата „Европски денови на
културното наследство“.

„Денот на Баба Марта“ е создаден за поддршка на мултинационалната апликација „Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт“ во УНЕСКО, со цел зачувување, презентација и популаризација на обичајот  Во 2017 година мартинките беа впишани во Репрезентативната листа на УНЕСКО и станаа дел од светското
нематеријално културно наследство, а „Хаемус“ стана правен носител на ова културно добро од Македонија во УНЕСКО.

Од „Хаемус“ посочуваат дека се строги условите да се биде дел од повикот„Приказни за европското културно наследство“ и дека покрај многу други категории, важно е што една граѓанска организација мора претходно да има организирано барем еден голем јавен настан во последните три години.

-Тој настан е пожелно да биде координиран, евалуиран и реализиран во рамките на националната програма за „Европските денови на културното наследство“. Подоцна, при аплицирањето, целта на приказната е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како дел од заедничкото – европско културно наследство, велат од „Хаемус“.