Двојно ќе може да се зголеми капацитетот на фабриката за обработка на вода за пиење

124

Капацитетот на фабриката за обработка на вода за пиење во рамки на ЈКП „Дервен“ изнесува 300 литри во  секунда и е обезбеден за следните десет години.

-Како ќе се развива градот и ќе се зголемува бројот на потрошувачи, тогаш се планира филтерскиот систем да се надогради со два до четири филтра, а со тоа ќе може двојно да се зголеми капацитетот на вода за пиење од 300 на 600 литри во секунда- соопшти директорот на ЈКП „Дервен“, Антон Јовиќ.

Жителите на Велес и уште неколку населени места се снабдуваат со вода за пиење од реката Тополка преку ХС „Лисиче“. Хидроакумулацијата „Лисиче“е со капацитет од 24 милиони метри кубни вода, а годишните потреби за вода на фабриката за производство на вода се 4,8 до 5,2 милиони метри кубни.

-Во фабриката суровата вода што се доведува од хидросистемот „Лисиче“ се обработува низ неколку хемиски и технолошки процеси, се тестира нејзината микробиолошка и хемиска исправност  и се пласира во градската дистрибутивна мрежа- информира Јовиќ.

Тој појасни дека 24 часа се врши мониторинг на квалитетот на водата за пиење, лабораторијата работи постојано и стручни лица постојано  го следат нејзиниот квалитет во технолошкиот процес и во крајниот производ, чиста вода за пиење која се дистрибуира до потрошувачите.

Јовиќ истакна дека квалитетот на водата го контролира редовно ЈЗУ Центар за јавно здравје  од Велес ,а периодични анализи врши и Републичкиот Центар за јавно здравје  од Скопје.

Директорот Јовиќ најави дека со истата динамика како и досега ЈКП „Дервен“ годинава ќе  инвестира околу 40 милиони денари сѐ со цел да обезбедат уште поквалитетни услуги за жителите на Велес.

– За да се намалат загубите на вода претпријатието ќе продолжи со поставување на водомери на системите за наводнување, јавните чешми и фонтаните. Ќе обезбеди SCADA систем за контрола, управување и мониторинг со дистрибутивниот водоснабдителен систем, а ќе обезбеди и лабораторија за микробиолошки преглед на водата- потенцираше Јовиќ.

Освен Велес, со вода за пиење од фабриката се снабдуваат и населбата Превалец, село Горно Оризари, сателитската населба на езеро „Младост“.

Јовиќ информира дека се е подготвено и дека до почетокот на летото кон водоснабдителниот систем на градот ќе бидат поврзани и селата Дурутовец и Чолошево.

Тој најави дека наредната недела ЈКП„Дервен“ ќе почне со изградба на нови водоводни линии во населбата Речани, каде имаат големи потрошувачи, но и дека со градба ја почнуваат Делница три, каде ќе бидат опфатени 60-70 приклучоци,од кои поголемиот број се правни лица и дека и понатаму ќе прават напори кон водоводната мрежа да приклучат  што поголем број на нови потрошувачи на вода.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски изрази благодарност до сите вработени за вложениот труд уште пред 30 години да се изгради хидросистемот и филтер станицата со што, како што рече, се обезбеди квалитетна вода за пиење за сите граѓани на Велес и населените места.

Според него, не треба да се запоставува системот на рени бунари, од кои порано со вода се снабдуваше Велес. Тој  нагласи дека тие  се единствената алтернатива за снабдување со вода за пиење во градот и населените места и дека ЈКП „Дервен“ треба да ги оспособи старите изворишта,секогаш да бидат алтернативно решение за водоснабдување на Велес.