Два милиона долари го исчистија воздухот во Лисиче

84

Во скопско Лисиче се дише почист воздух, благодарение на мерките преземени за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и замената на старите грејни тела и шпорети со нови во над 120 домаќинства. Во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, вреден над два милиони американски долари, финансиска помош добија 129 социо-економски ранливи домаќинства. Во 81 домаќинство се заменети старите врати и прозорци со нови, направени се 39 енергетски ефикасни фасади и реновирани се 33 покриви. Инсталирани се 428 инвертори и пет топлински пумпи, а 37 стари печки и шпорети се заменети со нови печки на пелети.

– Сега, повеќе од кога било, е важно загадувањето на воздухот да биде во фокус бидејќи здравјето на граѓаните треба секогаш да е јасен приоритет за оние што носат одлуки. Шведска ја знае опасноста од овој проблем донирајќи 22 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот поставени во осум станици за мониторирање. Ова ќе им даде подобра слика на институциите и на граѓаните каква е состојбата и како подобро да се справуваат со загадувањето на воздухот –  изјави шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон-Џеин.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини рече дека мора да се внимава при користење на енергенсите што ќе ги користиме за затоплување оваа зима, да се избираат енергенси што се помалку штетни за животната средина, без оглед дали станува збор за дрво, пелети или слично.

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцински нагласи дека и досега општината изнаоѓаше трајни решенија за справување со загадениот воздух.