Данска ги заострува условите за добивање државјанство

246

Данска, која има една од најрестриктивните имиграциски политики во Европа, денеска соопшти дека ги заострува условите за натурализација, а особено ги исклучува осудените за злосторства.

Новите правила следуваат по договорот меѓу социјалдемократската Влада и трите десни опозициски партии.

Апликантите за државјанство сега ќе треба да покажат чисто досие, што значи да не бидат осудувани, да немаат ниту условни казни, и ќе треба да покажат дека биле во можност да се издржуваат најмалку три и пол години во последните четири години.

Договорот, кој го претстави Владата на данскиот премиер Мете Фредериксен, исто така става силен акцент врз „данските вредности“, а тестовите за државјанство кои се користат од 2015 година сега ќе вклучуваат пет прашања во врска со овие вредности.

– Сакаме да бидеме апсолутно сигурни дека оние кои добиваат данско државјанство, со сите права што одат со тоа, се добро интегрирани во данското општество и исто ги прифаќаат и данските вредности, изјави министерот за миграција Матијас Тесфаје за државната телевизија.

Овие „дански вредности“ вклучуваат слобода на говор и еднаквост.

Според данскиот завод за статистика, 11 проценти од 5,8 милиони луѓе во Данска се со странско потекло – или родени во странство или со родители родени во странство, од кои 58 проценти се државјани на земја класифицирана како „не-западна“.

Во 2020 година, од приближно 7.000 луѓе кои станале Данци, повеќе од половина биле Европејци.