За секое општество е битно какви ученици „крои“. Понекогаш тие се слични на неговите надворешни ѕидови, кои стоечни ги издржуваат ударите на првите сериозни разочарувања кои ги носи животот. Периодот на учење е период во кој многумина се осамостојуваат благодарение на ставовите на нивните значајни родителски фигури и на тој начин ја „изградуваат“ својата внатрешна сила и прераснуваат во лидери на утрешниот ден. Како такви лидери, не смеат да бидат во криза како сегашната, која не само што не остава со празни паричници туку и без визии и насоки за подобро утре.

Доколку ги погледнеме случувањата на светската сцена можеме да забележиме дека денес светот не се соочува само со една криза-здравствената. Се повеќе сме сведоци на криза во безбедноста, економијата,енергетиката, екологијата итн. Овие кризи предизвикуваат криза во задоволување на основните човекови потреби кои на лугето им се неопходни за непречено да го остваруваат своето право на живот. Веројатно во периодот што следи пред целата цивилизација ке стои и предизвикот за зачувување на планетата Земја од глобално затоплување, кое доведува до колапс на целокупното човештво.

Познатиот Тојнби ќе рече „Никоја цивилизација не била убиена, секоја цивилизација сама себе се убила“. Неговиот став и не е така далеку од денешната реалност. Мораме да признаеме дека уништени се многу ресурси неопходни за живот. Денес се повеќе сме сведоци на уништена атмосфера, шуми,води, големи простори кои можат да бидат одличен ресурс на задоволување на неопходните човекови потреби. Но, доага период кога мора да станеме свесни за тоа што не очекува. Не очекува голема неизвесност и илјадници предизвици со кои ке мораме да се соочиме. Тешката светска криза, меѓу најтешките по Големата депресија, го погоди светот на глобално ниво и никого не остава рамнодушен. Нејзините последици се чувствуваат во сите пори на општественото живеење, на секој континент. Но, во суштина проблемот на светската криза не е во немањето пари, туку во немањето на еден основен човечки фактор – квалитетни лидери!

Оние кои професионално ги проучуваат причините за настанатите состојби, јасно знаат дека кризата не е настаната поради недостаток на финансиски средства. Повеќе од јасно е дека финанските средства ги има повеќе од кога и да било, но проблемот е во тоа што конзистентно не е утрврдено каде тие средства одат или каде веќе отишле. Финансиските одлуки кои биле донесени од лугето одговорни за доверба на инвестициите, години наназад беа донесени од луге чијшто недостаток на морал, алчност, неодговорност и неисцрпна желба за повеќе, доведоа до уништување на човековиот капитал ширум светот! Звучи поразително, но за жал, вистинито. Од друга страна, глобалните елити претставуваат сериозна закана за секоја лична слобода. Глобалните актери нудат мноштво иновативни технолошки услуги кои го доведуваат обичниот човек во доброволно ропство.Па така денес нашата приватност доброволно ја заменуваме со потреба од online знања, трговија итн. Токму тие глобални гиганти се наднационални, нетериторијални и имаат силно влијание врз стабилноста и безбедноста во светски размери. Со самото тоа и директно врз локалните лидери

Но да се вратиме на главната тема, какви лидери се потребни во време на голема криза и какви акции истите треба да превземат?

Во услови на криза, потребна ни е иновативност за наоѓање нови начини на функционирање за да ја пребродиме кризата и да излеземе посилни. Потребна ни е стабилност и брз „problem solving“ , покажување емпатија, силна поврзаност и влевање доверба. Потребно е влијание врз другите за да ја согледаат ситуацијата на потребниот начин и да се движат во правилна насоката. Во криза фактот дека лидерот всушност има моќ и колку е голема неговата сфера на влијание зависи од позицијата што ја зазема, бидејќи неговото место е директно поврзано со авторитетот и моќта. Неговата позиција исто така треба да биде директно пропорционална со одговорноста – колку е повисоко во хиерархијата на работните места, толку е поголема неговата одговорност.

Типичен пример претставуваат западните демократии каде владее една парадоксална ситуација. Во општество кое се гордее со демократијата, моќта и авторитетот, донесувањето на најважните одлуки е доверено на луѓе кои морално повеќе личат на тоталитарните лидери. Тоа се луѓе на кои безрезервно им се верува, па дури и идеолошки, бидејќи на нивните компании или поединци им донесуваат големи приходи. И повторно финанскиските средства се појавуваат како сосема доволна причина да се затворат очите пред недостатокот на основни морални принципи кои се неопходни за лидерите кои се сочуваат со кризи. Во светот во кој живееме, постојат закони кои повеќе не се непроменливи. Повеќето луѓе се обидуваат да ги игнорираат затоа што не им се допаѓаат и обично одат против некои нивни себични склоности. Полесно им е да ги негираат, отколку постојано да тропаат на нивната совест. Меѓутоа, од време на време, овие универзални морални вредности го покажуваат својот резултат. За оние кои ги следат даваат бавен, но позитивен резултат, пред се во градењето на личен карактер кој на овие луѓе им дава кредибилитет во општеството, без разлика на материјалниот статус.

Во прилог на оваа констатација може да се додаде мислењето на Џон Максвел, познат предавач во областа на лидерството кој вели : „Тешко е една институција да успее без кредибилитет. Подеднакво е тешко за еден лидер да успее без него. Зошто?- Затоа што кредибилитетот е валута за лидерот а „со валутата лидерот е солвентен. Без неа тој веројатно банкротирал“.

Во суштина, сите оние кои не ги следат универзалните етички закони кои започнуваат со наједноставното – не крадат, не лажат, не убиваат – во секој случај ќе завршат како „банкротирани“. Дали ни требаат повеќе докази од актуелната светска криза?

Во својата книга „The Speed of Trust“, Стивен Р. Кави (автор на светскиот бестселер „Седум навики на високо ефективни луѓе“) истакнува дека „Ниското ниво на доверба е невидлива цена што се плаќа во животот бидејќи создава скриени планови спречувајки да се комуницира а со самото тоа и да успорува начинот на донесување на одлуките. Недостатокот на доверба ја попречува инвентивноста и продуктивноста. Довербата, од друга страна, придонесува за забрзување бидејќи ја храни соработката, лојалноста и на крајот е ориентирана кон резултати! Во услови на криза потребни се лидери кои со својата стабилност и победички и општимистички mindset се ориентирани кон резултати и успех. На крајот, на светот му требаат луге кои во најголемиот мрак не ја губат надежта дека ќе ја пронајдат светлината. Луге-лидери кои веруваат во тоа и лидери кои треба да водат низ тоа.

Секој човек е лично повикан да живее морално одговорен живот. Тоа не е задача на општеството, политичките партии или глобалниот светски поредок. Колку и да е мала позицијата што поединецот ја зазема во даден момент, статистиката вели дека секој од нас има директно влијание на околу 250 луѓе околу нас во текот на животот! Каков ќе биде резултатот од тоа влијание е одговорноста што ја носи секој од нас лично. Изборот е наш.

 Андон Дамовски, докторант на Институт за социологија, УКИМ

(ставовите во текстот се лични ставови на авторот)