Дали редиците од продавниците за блек фрајдеј ќе се преселат пред ковид-центрите?

Во име на заштита на здравјето на купувачите некои од трговците црниот петок, кој традиционално секаде во светот се организира во последниот петок од ноември, го развлекоа низ цела недела. Но, залудно. Сликите што проструија низ социјалните мрежи уште првиот ден од шопинг треската ја покажаа непопустливоста на граѓаните и по цена на загрозување на здравјето и животот да застанат во ред и со часови да чекаат да влезат во молот или продавницата, за да купат за некој денар поевтин телевизор, компјутер, па дури и само блендер или парче облека.

147

Младата традиција која кај нас нема ниту една деценија не попушти пред опасните закани на коронавирусот. Трговците и годинава, наспроти бројните протоколи донесени од власта за задолжително носење заштитни маски, држење растојание еден од друг од најмалку два метра и негрупирање, испровоцираа шопинг треска организирајќи „црн петок“ со, како што најавија, големи попусти.

И покрај вестите за илјадници нови заразени и десетици починати од ковид-19 секој ден, граѓаните се фатија за мамката и ги наполнија продавниците со бела техника и моловите. Во име на заштита на здравјето на купувачите некои од трговците црниот петок, кој традиционално секаде во светот се организира во последниот петок од ноември, го развлекоа низ цела недела. Но, залудно. Сликите што проструија низ социјалните мрежи уште првиот ден од шопинг треската ја покажаа непопустливоста на граѓаните и по цена на загрозување на здравјето и животот да застанат во ред и со часови да чекаат да влезат во молот или продавницата, за да купат за некој денар поевтин телевизор, компјутер, па дури и само блендер или парче облека. Маски се носеа, но за држење на пропишаната дистанца која ветува заштита од вирусот не стана ниту збор. Уште помалку имаше можности за проветрување на продавниците кои се наполнија со купувачи.

 

Ова наиде на осуда кај многумина, вклучувајќи го и министерот за здравство Венко Филипче.

-Мислам дека треба сите да сме свесни дека во овој период треба сите да се стрпиме. Во овој приод сите ги сменивме своите навики и начин на однесување. Ќе има можности за сè понатаму. Сега треба да сме трпеливи, да ги почитуваме мерките. Нема други мерки. Мерките се исти секаде во светот. Таму каде што се почитуваат, очигледно даваат резултати. Во таа смисла има протоколи за секаде, забрането е групирањето. Апсолутно осудувам секакво кршење на овие мерки, рече тој.

Преку дневните билтени за заболените и жртвите на ковид-19 на Институтот за јавно здравје за некој ден ќе видиме дали овој црн петок во трговијата, бил црн во вистинска смисла на зборот, односно дали редиците пред продавниците од овој петок веќе следниот ќе се преселат пред ковид-центрите.

Метежот за овој блек фрајдеј не изостана ни годинава иако најголемиот дел од трговците истите попусти ги дадоа и за пазарењето преку интернет. Но нашите граѓани сè уште немаат такви навики, а од Организацијата на потрошувачи на Македонија информираат дека секојдневно примаат по неколку поплаки од незадоволни купувачи преку интернет.

А дали ставајќи си ја главата во торба купувачите натискани еден до друг навистина купија нешто на попуст, ќе кажат инспекторите. Од Државниот пазарен инспекторат најавија дека ќе направат контрола на попустите понудени на блек фрајдеј и наскоро ќе објават информација кои рекламирани намалувања биле вистински, а кои не. Според Законот за заштита на потрошувачите попустот се прави на последната цена на производот, без разлика колку пати таа претходно била намалена. Откако ќе се намали, цената не смее да се врати на претходното ниво. За овој блек фрајдеј трговците понудија цени намалени до 80 проценти. За измамничко рекламирање казните се движат од 4.000 до 5.000 евра.

Блек фрајдеј почнал да се организира во САД во 60-тите години на минатиот век на 27 ноември, ден по еден од најзначајните американски празници Ден на благодарноста и со него се означува почеток на божиќните пазарувања. Последнава деценија се прошири речиси насекаде низ светот, а кај нас се организира од пред неколку години. Годинава во некои земји, како на пример Франција, властите ги повикаа трговците да не го организираат. Во дел од државите поради мерките за заштита од коронавирусот не ни можеше да се организира поради тоа што не работат трговците кои не продаваат есенцијални производи. Кај нас и покрај дивеењето на ковид-19 особено последниве денови, имаше вообичаен блек фрајдеј, без посебни забрани и ограничувања надвор од досега пропишаните.

(С.В.)