Заглавени во спор околу заедничката историја и јазик, кој има реални политички последици – Бугарија и Северна Македонија можеби конечно се на пат кон затоплување на односите.

На 18 јануари, делегација на високо ниво предводена од новиот бугарски премиер Кирил Петков отпатува во Скопје и беше пречекан од неговиот колега од Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој ја презеде функцијата еден ден претходно.

Бугарија го блокира стартот на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ) во поголемиот дел од изминативе две години, а овој застој одигра клучна улога и во неодамнешната реконструкција на Кабинетот во Скопје и во оставката на претходникот на Ковачевски, Зоран Заев. Од своја страна, Бугарија, исто така, имаше проблеми да формира Влада, при што од нејзините граѓани беше побарано да гласаат три пати на предвремени избори во 2021 година за да се формира коалиција што може да функционира  заедно.

Со конечното формирање на новата Влада, посетата на Петков беше со нетрпение очекувана – а таа даде некои охрабрувачки резултати.

Двајцата лидери најавија воспоставување на редовни комерцијални летови меѓу Софија и Скопје, додека заедничка седница на нивните кабинети треба да се одржи во Бугарија на 25 јануари (прв пат од ноември 2017 година). Овие иницијативи ја одразуваат желбата на Петков да ги фокусира врските со Северна Македонија на прашања, како што се економијата и инфраструктурата, а далеку од историјата. Бугарската страна, во меѓувреме, објави дека официјално ќе започне да го користи „Северна Македонија“, краткото име на земјата, наспроти „Република Северна Македонија“, која ги разбранува дипломатските духови поради имплицитни територијални претензии во однос на дел од југозападна Бугарија (позната како Пиринска Македонија). За да ги отфрли таквите стравови, Скопје соопшти дека ќе испрати официјална нота до Обединетите нации за да нагласи дека нема иредентистички намери.

Но, дали навистина на дофат е вистински напредок? Иако моментумот на крајот може да доведе до тоа Бугарија да го укине ветото на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, претстојат повеќе пречки и заплети.

Играње политика

Самиот Петков не е приврзаника на држењето на односите со Северна Македонија во заложништво на спротивставеното толкување на историјата. Двете земји се расправаат за националниот идентитет на Словените во Македонија: дали тие биле (во не така далечното минато) Бугари или имаат посебна етничка припадност со свој јазик.

Но, тој се соочува со огромна опозиција дома: една недела пред неговата посета на Скопје, Консултативниот совет за национална безбедност, советодавно тело свикано од претседателот Румен Радев, ја потврди тврдокорната позиција усвоена во октомври 2019 година. И иако тоа не беше експлицитно наведено во декларацијата на Советот, имаше поддршка за притисок врз Северна Македонија да го измени својот Устав експлицитно упатувајќи во него да ја вклучи бугарската заедница што живее во нејзините граници. Декларацијата е необврзувачка, но пораката беше јасна: на Петков во незавиена форма сигурно му беше кажано дека не треба да избрзува со зелено светло за преговорите на својот сосед со ЕУ.

Состанокот на Советот за безбедност, исто така, ги нагласи тензиите во бугарската владина коалиција. Партијата Продолжуваме со промените на Петков смета дека ветото на Бугарија е непријатно и потенцијален поткопувач на нејзините односи со другите европски земји. Истото го мисли и нејзиниот партнер, Демократска Бугарија, либерална десноцентристичка коалиција која им поддршка на урбаната прозападна средна класа. Но, другите две партии во коалицијата на Петков – популистичката Има таков народ и Бугарската социјалистичка партија – не се заинтересирани за разрешување. Можеби нема да ја напуштат коалицијата поради Северна Македонија, но најверојатно ќе се борат со заби и нокти против какво било омекнување на сегашната политика. На нивната позиција е и претседателот Радев, кој беше клучен во започнувањето на политичката кариера на Петков.

Минатото никогаш не е минато

Гледајќи од страна, тешко може да се замисли што е оптимистичко или песимистичко сценарио.

Оптимистички, Петков и Ковачевски ќе ја засилат меѓувладината соработка – особено преку работните групи предложени од бугарската страна и договорени во Скопје – фокусирајќи се на прашања како што се трговијата, инвестициите, транспортот и прекуграничната инфраструктура.

Новиот моментум ќе создаде покритие за Петков дома да дебатира за укинување на ветото за влез во ЕУ. Вреди да се запамети дека Бугарија го одобри почетокот на преговорите за членство во март 2020 година, она што потоа го блокираше беше усвојувањето на преговарачката рамка – извршната наредба на Советот на ЕУ до Европската комисија. Затоа Петков легитимно има простор за маневрирање.

За да добие „да“ од Бугарија, Северна Македонија веројатно ќе треба да направи некои дополнителни симболични отстапки, вклучително и продолжување на заедничките прослави на историските настани, како што е Илинденското востание од 1903 година (централно за националните митологии во двете земји) или повторно започнување на забавената комисија за решавање на некои од најнерешливите историски спорови. Заев, претходникот на Ковачевски, изгледаше подготвен да направи многу од овие потези, но едноставно му недостигаше партнер во Софија. Од своја страна, Петков ќе треба да придобие повеќе од 80 проценти од Бугарите кои веруваат дека македонската страна има лоша намера. За среќа, ова прашање не е главна секојдневна грижа за бугарските гласачи. Петков ќе треба да се потпре на своите обилни политички вештини за продавање, како што тоа го правеше во изборната кампања и во неговата деловна кариера. Тој може да избере да тврди дека Северна Македонија би можела да биде блокирана на нејзиниот пат кон ЕУ понатаму, откако сериозно ќе започнат преговорите за членство, доколку Софија оцени дека нејзиниот сосед не ги почитува своите претходни обврски.

Важно е да се запамети дека дури и при најдобри околности, историскиот спор веројатно нема да биде целосно решен. Единствена верзија на историјата останува тешко остварлива и наместо тоа двата национални конфликтни наративи ќе треба да коегзистираат. Задачата на одговорните лидери е да се погрижат таквите конфликтни толкувања да не излезат од контрола (како што тоа го направија неодамна). Тоа не треба да биде премногу тешко да се изведе: на индивидуално ниво, има мало непријателство во двете насоки, а луѓето од двете страни на границата лесно се мешаат – без разлика дали во брак, бизнис, трговија или инвестиции. Исто така, има многу семејства чии членови живеат во двете земји. На тој начин, бугарско-македонската расправија значително се разликува од стереотипот за крвав балкански конфликт.

Сепак, нерешливоста на овој спор не треба да се потцени, а попесимистичките сценарија остануваат сосема веродостојни. На пример, по одреден првичен успех во заживувањето на врските со Скопје, Петков може да се соочи со силен притисок во неговата коалиција, како и од Радев. Барањата од Северна Македонија да го измени својот Устав може да станат погласни. Од своја страна, Ковачевски – имајќи ги предвид неуспешните обиди на неговиот претходник да ја поколеба Софија со отстапки и неповратни гестови – можеби ќе одлучи дека не вреди да се ризикува. Опозициската десноцентристичка ВМРО-ДПМНЕ и левичарско-популистичката Левица несомнено ќе му го отежнат животот, како и некои негови сопартијци во владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија.

Без партнер во Скопје и зголемена опозиција дома, Петков може да ја напушти својата офанзива за шарм, бидејќи има многу поитни приоритети дома. Бугарија се соочува со изгубена деценија во однос на институционалните реформи, особено во однос на владеењето на правото: реконструкцијата на семоќната канцеларија на Јавното обвинителство – обвинета за политичко мешање и замижување пред големи проневери – е особено итен приоритет . Противењето на заробувањето на државата беше таа што ги изведе Бугарите на улица во 2020 година и она што на крајот ги донесе Петков и неговата коалиција на власт. Домашните предизвици сигурно му се повеќе на ум, отколку решавањето непријатна кавга со соседот. Со други зборови, лесно може да се замисли траен ќорсокак.

Па, што би можеле трети страни да направат во оваа ситуација? Не многу – освен олеснување на дијалогот и помагање на оние во Скопје и Софија да бараат компромис. Во Северна Македонија постои заблуда дека интервенцијата на Германија, САД или друг меѓународен „тешкаш“ може да ја натера Бугарија да го промени својот став. Тоа нема да се случи. Во моментов, Петков е најдобрата опција за Северна Македонија, а пријателите на Скопје на Запад би направиле добро ако му помогнат да успее во неговите напори. Шансите не се големи, но тие се далеку од безнадежни.

 Атлантик Кансл – Вашингтон