Дали „Меѓународен сојуз“ ќе се претвори во реално шоу како „Рекет“ ?: Сите се невини

 Најпознатиот македонски шоумен, претседател на невладината организација, Бојан Јовановски-Боки 13, изјави дека сите баналности во обвинението ги разбира, но не се чувствува за виновен. И останатите обвинети меѓу кои и екс потпретседателката на СДСМ и на Собранието Фросина Ременски рекоа дека не се виновни. Ременски одговори дека е огорчена од намерата за кривичното дело измама за кое е обвинета

343

Судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз“ исто како и “Рекет“ предизвикува големо внимание во јавноста, заради осомничените во предметот и заради нивните изјави, кои најчесто изгледаат како сцени од реално шоу. Најпознатиот македонски шоумен, претседател на невладината организација, Бојан Јовановски-Боки 13, изјави дека сите баналности во обвинението ги разбира, но не се чувствува за виновен.

И останатите обвинети меѓу кои и екс потпретседателката на СДСМ и на Собранието, Фросина Ременски, рекоа дека не се виновни. Ременски одговори дека е огорчена од намерата за кривичното дело измама за кое е обвинета.

Таткото на Боки 13, Миле Јовановски, рече дека е срамно што на негови години го прават криминалец и дека не го ни прочитал обвинението оти немал грижа за тоа што го пишува.

-Не разбирам, ништо не е точно, ме правите криминалец на 60 години, рече Јовановски. Судијката му посочи дека не треба да коментира туку треба да одговори со да или со не, по што Јовановски рече дека го разбира, но дека не чувствува вина. Кога Јовановски бараше да објасни, судијата му рече дека во текот на судењето ќе има можност да даде образложение.

Обвинителката Вилма Русковска претходно во воведните зборови рече дека хуманитарната организација „Меѓународен сојуз“ била формирана лажно како да е под покровителство на ЕУ, а злоупотребена за да бидат измамени бизнисмените Адријан Амзоски и Сиљан Мицески. Првиот уплатил 234.000 евра а вториот 720.000 евра, пари кои наместо да завршат за наводните проекти за домови за стари лица, биле уплаќани на сметка на 1ТВ и БМЈ Медија груп и тоа од страна на таткото на Боки-13 и соработничката Јасна Ерцеговиќ. Обвинети се петмина други за „измама“, за помагање а Бојан Јовановски и за „перење пари“.

-Имаме докази дека тие пари завршиле кај Бојан Јовановски, а оштетените никогаш не ги побарале парите и никогаш не прашале до каде е проектот, рече обвинителката Вилма Рускоска во образложението на обвинението во случајот „Меѓународен сојуз“. Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.

Русковска тврди дека Обвинителството има несоборливи докази за обвинетите за делата за кои се товарат.

-Да се формира невладина организација е хумано дело, но таа да се темели на лага, дека зад неа стои ЕУ, е врв на девијантен ум. Имаме докази дека тие пари завршиле кај Бојан Јовановски, а оштетените никогаш не ги побарале парите и никогаш не прашале до каде е проектот, рече Русковска на рочиштето.

Адвокатот на Боки 13, Сашо Дукоски го праша судот уште уште колку кривични пријави за перење пари треба да бидат поднесени.

-Веројатно нарко картелот Кали пере помалку пари од Боки, иронично искоментира Дукоски. Во врска со кривичната пријава од бизнисменот Силјан Мицевски, Дукоски вели дека нему не можете да му земете 200 денари а не пак 700.000 евра.

-Доволно е само да се следат неговите изјави по влегувањето на финансиска контрола во неговите фирми, додаде Дукоски.

Судењето беше прекинато на 30 минути, поради влошување на здравствената состојба на таткото на Боки 13. Набрзо дојде и брзата помош која интервенираше.

Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова-Ефремова.

Судењето за „Меѓународен сојуз“ почна на 1 јули, но беше одложено поради барањето на поранешната потпретседателка на Собранието и пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Рускоска за понатамошно постапување во овој случај. Кон барањето за иземање на обвинителката Рускоска, се приклучи и обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13. Одлуката дека барањето е одбиено како неосновани беше соопштена на стартот на вчерашното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје.

Барањето беше и причината за пролонгирањето на стартот на овој судски процес, чие прво рочиште беше закажано на 1 јули.