Да се воведе и данок на крв и на воздух, буџетот нема да се наполни!  

Ефектот од 50 милиони евра во буџетот што би се собрале со даночната реформа, би се постигнал ако годишниот профит на банките, кој е околу 150 милиони евра нето, се оданочи со прогресивен данок на добивка од 33 проценти, смета економистот и поранешен пратеник Зоран Витанов. Пред државата да одлучи да ги зголеми даноците, треба да им докаже на даночните обврзници дека е ефикасна, ефективна, транспарентна и дека нуди квалитетни услуги, реагираше претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески

1039

Не е време и не е избран вистинскиот начин, се главните забелешки во дебатата што се разви по најавата на Министерството за финансии дека подготвува даночни реформи. Бура од реакции дојде од експертите, бизнис-заедниците, политичката опозиција, но и од граѓаните по информацијата дека е подготвен предлог-концепт за даночната реформа што се планира да почне од следната година и етапно да се имплементира во наредните две години.

Како што најави министерот за финансии Фатмир Бесими, даночната реформа се прави за да се создаде оптимален даночен систем за и да има правично оданочување, кое ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. На тоа дојде експресен одговор од јавноста дека со такво нешто не се стартува среде енергетска и економска криза.

Како предлог-решение за даночна реформа, Владата нуди оданочување на каматите на депозитите со 10 проценти, укинување не даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка, плаќање здравствено и пензиско осигурување и за хонорарците, како и прогресивно оданочување на платите, почнувајќи од 1 јануари наредната година, за што, според Бесими, нема предлог и останува отворено да се конкретизира низ дебата.

– Нели е нормално во нацрт-концепт за даночни реформи да се предвидат и прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за понуда на поквалитетни услуги кон приватниот сектор; рокови за дигитализација на нејзините процеси, за укинување на парафискалните давачки, како и за намалување на сивата економија и на корупцијата? Односно бизнисот очекува понуда на пинг-понг решение, што значи дека пред државата да одлучи да ги зголеми даноците, треба да им докаже на даночните обврзници дека е ефикасна, ефективна, транспарентна и дека нуди квалитетни услуги – реагираше претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Најголем дел од реакциите се за намерата да се оданочува каматата на штедните влогови. Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, пресмета дека со прибраните пари од тој данок не може да се купи ниту еден тенк.

– Во македонските банки лежат 7,49 милијарди евра штедни влогови, со просечна каматна стапка на депозитите од 0,71%. Годишната камата на сите депозити би изнесувала 7,49  милијарди евра х 61,8 ден/евро х 0,71% = 3,29 милијарди денари. Прибраниот персонален данок, по стапка од 10% на овој каматен износ, би изнесувал 329 милиони денари, односно едвај 5,3 милиони евра. За тие пари не може да се купи ниту еден германски тенк „леопард 2А6“, кој чини 6,7 милиони евра, какви што, веројатно, ќе нè тераат да купуваме утре. Оданочувањето на заштедите нема да помине без револт кај населението и повлекување на депозитите, особено при сегашните рекордно ниски номинални каматни стапки, односно негативни реални каматни стапки поради високата инфлација. Башка што на луѓето им е смачено од камата на депозитите под 1%, а на кредитите над 4,35%. Нека размислат двапати пред да ја направат и оваа беља – реагира професорот преку Фејсбук.

Предлог како да се соберат пари има и економистот и поранешен пратеник, Зоран Витанов. Тој смета дека ефектот од 50 милиони евра во буџетот што би се собрале со даночната реформа, би се постигнал ако годишниот профит на банките, кој е околу 150 милиони евра нето, се оданочи со прогресивен данок на добивка од 33 проценти.

– Оставете ги граѓаните и МСП-секторот на раат, престанете да ги оданочувате оние што чесно ги пријавуваат своите приходи и профити! Ако не разбирате економија – прашајте! Не е грев да не разбираш, грев е да носиш одлуки кога не разбираш! – пишува Витанов.

Даночниот експерт Павле Гацов, во изјава за медиумите, оцени дека наместо зголемувањето на даночниот товар, потребни се мерки за брзо истиснување на готовината од оптек, засилување на контролите на терен поради работењето на црно, неиздавање фискални сметки и слично, потоа мерка за регистрација на нерегистрираните субјекти од неформалната економија, со давање на грејс-период за неплаќање на давачките, како и обезбедување механизам за поедноставување на сите процеси за нив кои се поврзани со државата. Според него, мора многу внимателно да се креираат новите даночни политики и евентуалното воведување на прогресивното оданочување, имајќи го предвид актуелниот тајминг.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ  смета дека даночните реформи се носат доцна, на само четири месеци пред крајот на годината, а нејасно е и кој ќе се даночи – богатите или сиромашните, големите или малите фирми. Тој е против намерата хонорарците да плаќаат придонеси, без да се воведе прогресивен данок. За каматите на штедните влогови вели дека треба да ги има на големите заштеди.

Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Побара да не се зголемуваат даноците и оцени дека најавената даночна реформа е фарса во отсуство на вистинска битка за собирање средства во државниот буџет.

– ВМРО-ДПМНЕ е за ниски даноци и не само што е против зголемување туку треба да има кратење на постојните даноци. За да се развива бизнисот, треба да му се остави слобода, рамен ДДВ и да има ниско оданочување за средствата да се употребат за развој – изјави пратеникот Александар Николоски.

Најавата за доночни реформи ги „запали“ и социјалните мрежи, на кои може да се прочитаат огромен број саркастични и духовити коментари, меѓу кои и дека треба да се воведе и данок на воздух, данок на крв, дека прогресивно ќе се оданочуваат најсиромашните, а не најбогатите…

(С.В.)