Грција изврши притисок, турскиот брод го промени правецот

156

Турскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч Рејс“ во вторникот го промени правецот и плови североисточно, без да е познато дали се враќа кон пристаништето во Анталија, но според грчките медиуми, и понатаму се наоѓа во морскиот дел за кој Грција смета дека е нејзин континентален гребен, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција објавуваат дека турскиот брод воопшто не започнал со истражувањата, веројатно поради бучавата од воените бродови од двете земји.

Дополнително, коментираат дека „Оруч Рејс“, континуирано го следат бродови на грчката воена морнарица.

Во вторникот, министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос  одржа состанок на Советот за одбрана на кој присуствуваа началниците на Генералштабот на армијата, на воената морнарица, на военото воздухопловство за да се оцени ситуацијата во поширокиот регион.

За последните турски активности, Грција побара свикување на вонреден состанок на Советот за надворешни прашања на Европската унија, а шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас рече дека „нема да постои никаква толеранција за обидите на Турција“.

„Се обраќаме до сите. Јасно ставаме на знаење дека Грција ќе ги брани нејзиниот суверенитет и нејзините суверени права. Ја повикуваме Турција веднаш да го напушти грчкиот континентален гребен“, рече Дендиас.

Истовремено, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис телефонски разговараше со претседателот на Кипар Никос Анастасиадис за турските активности во Источниот Медитеран.