Грчките уметници виолончелистот Христос Гримпас и пијанистот Џорџ Емануел Лазаридис, како и извонредната руска пијанистка Наталија Трул викендов приредија вистинско уживање за љубителите на класичната музика кои беа дел од публиката на „Охридско лето“ во црквата Св. Софија.

“Голема ни е честа што имаме можност со колегата Лазаридис да го изведеме нашиот перформанс во ова прекрасно место. Многу ми недостигаат концертите. Свирам во оркестар, но поради коронакризата не настапуваме. Што се однесува до фестивалот „Охридско лето“ можам да кажам само пофални зборови за извонреднатa организација и би сакале повторно да настапиме тука“, изјави виолончелистот Гримпас, задоволен од приемот и настапот во Св. Софија.

На концертот тие се претставија со Сонатата за виолончело и клавир оп.19 од Сергеј Рахмањинов, како и композицијата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски што беше соло-настап на пијанистот Лазаридис.

Перфектна музичката изведба, добро одбрана програма и безгранична енергија, пак, донесе извонредната руска пијанистка Наталија Трул. Вечерта започна со блескава интерпретација на Соната оп.31 бр 2 d-moll „Бура“ од Бетовен со што фестивалот и уметницата дадоа придонес во одбележувањето на 250 години од раѓањето на големиот композитор, чија девиза дека музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето, денеска е актуелна повеќе од кога и да е.

“Бетовен е еден од моите омилени композитори. Сакам да верувам дека го разбирам неговиот јазик и би била многу среќна доколку успевам да им го објаснам и на другите луѓе“, изјави пијанистката Наталија Трул. Таа ја изведе и Етидата оп.25 бр.7 од Фредерик Шопен, а во вториот дел од концертот отсвири комбинација на етиди од Шопен и Дебиси.