Грижете се за своето и здравјето на потомството, мајчиното млеко е безбедно и да имате ковид-19

 Препораки на светските гинеколози и акушери во услови на светска пандемија на коронавирус.Од Интернационалното здружение на гинеколози и акушери (ISUOG)  на трудниците им препорачуваат да носат маска кога ќе излезат од дома, да држат растојание најмалку 2 метри од другите, особено откако ќе пристигнете во болницата или во амбулантата. Препорачуваат телефонски да го најават породувањето. Искуството  покажува дека не постои пренесување на вирусот од мајкaта на плодот за време на бременоста, а мајчиното млеко е безбедно за вашето бебе дури и ако имате ковид-19

222

Најмладиот пациент што почина во земјава како последица од коронавирусот е 27-годишната родилка од Куманово. Заразата кај жената предизвика таа предвреме да се породи во Клиниката за гинекологија во Скопје на 31 март годинава. Како што веќе информираа од Гинекологија, бидејќи родилката се пожалила на симптоми на коноравирус, од  што бил заразен и нејзиниот свекор, таа  беше била префрлена на лекување на Клиниката за инфективни болести. Новороденчето е донесено на свет со царски рез, изолирано  и е во добра општа состојба и за среќа не е позитивно на вирусот.

Токму овој случај ги вознемири бремените жени во земјава, кои во оваа ситуација на светска пандемија се изложени на многу ризици. Тие секојдневно се во контакт со нивните матични лекари и прашуваат како да се заштитат во период кога секојдневно расте бројот на заразени со ковид-19 во земјава

Најчесто  прашуваат колкава е веројатноста за инфекција со коронавирус во текот на бременоста? Како да постапат по породувањето доколку се позитивни, а немаат симптоми, дали треба да се одвојат од бебето. Се интересираат  дали во такви случаи можат да го дојат своето бебе.

Ова се само дел од прашања што секоја трудница си ги поставува во периодот со справувањето со светска пандемијата од коронавирусот.

Токму за нив и огромниот број прашања Интернационалното здружение на гинеколози и акушери (ISUOG) изготви протоколи како да се однесуваат трудниците во вакви услови и како да ги прават редовните контроли.

Од здружението сметаат дека во период на активна пандемија се препорачува да се намали бројот на задолжителните антенатални прегледи во бременоста, но само при нормален тек на бременоста и кај трудници кои немаат лошо акушерско минато или други минати здравствени проблеми – односно немаат ризични фактори за евентуална појава на патолошка бременост.

– Доколку имате барем еден од симптомите на оваа инфекција потребно е да се јавите на преглед кај вашиот лекар. Секогаш поставете ја маската пред да излезете од дома, држете растојание најмалку 2 метри од другите, особено откако ќе пристигнете во болницата или во амбулантата и најдобро телефонски најавете го вашето доаѓање. Во епидемиолошката анкета задолжително пријавете ги во целост вашите симптоми и контакти со можен ризик, се потенцира во протоколите на интернационалното здружение  на акушери.

Најголемиот дел од бремените жени во овој период се прашуваат дали има голема веројатност за инфекција со коронавирус додека се бремени. Заради недоволниот број на сознанија за вирусот во моментов има мошне малку публикации, па последователно на тоа и недоволен број информации за бремени жени што се разболеле од ковид-19.

-Од досега објавените докази мал е бројот на трудници што се позитивни или болни од ковид-19 во споредба со останатите жени на таа возраст. Жените со други здравствени проблеми, особено тие со хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок, дијабетес, имаат поголем ризик од ова заболување и за нив постои поинаков протокол за следење на бременоста и породувањето,велат лекарите.

Според нив доколку здрава трудници е позитивна на корона вирус и е без симптоми  или со блага симптоматологија, може да бидат згрижени дома, но да останат во комуникација со својот матичен гинеколог и лекар. Ако кај нив симптомите почнат да се влошуваат, тогаш  е неопходна  хоспитализација.

Што се однесува, пак, за тоа како вирусот дејствува врз бременоста, акушерите велат доколку актуелното вирусно заболување е поблиску до терминот за породување толку се помали ризиците за плодот. Најголем ризик за плодот постои доколку трудницата  е во раната фаза во бременоста, а тогаш се разболи. Кај овие бремени жени постои  ризик за предвремено породување.

– Достапните податоци упатуваат на тоа дека не постои пренесување на вирусот од мајкaта на плодот за време на бременоста. Сепак дококлу се заболи во првите месеци од бременоста постои ризици од аномалии, појаснуваат лекарите и дополнуваат дека неопходно е навремено воочување на овие компликации, затоа  се  препорачува  ултразвук по 2 до 4 недели од завршување на инфекцијата за да трудницата биде  сигурна дека плодот добро се развива.

Гинеколозите препорачуваат доколку бремената жена е заболена од корона вирус породувањето да се изврши со царски рез. Ако потоа родилката се чувствува добро се препорачува да останете со бебето.

-Потребно е да бидете многу претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на вашето бебе. Треба доволно долго и детално миење на рацете пред да го допрете бебето, да избегнувате допирање на лицето на бебето, да избегнувате кашлање или кивање во близина на бебето и да носите маска тип FFP3 или P100 кога се грижите за него – велат лекарите кои што имаат веќе искуство.

Поделените научни докази се темелат на неколку трудници заразени со коронавирус кои биле тестирани, притоа во нивното млекото не е пронајдено присуство на вирусот.

-Мајчиното млеко е безбедно за вашето бебе дури и ако имате ковид-19. Но, во исто време, треба да бидете претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на бебето – нагласуваат лекарите, но и посочуваат друга одлична опција, родилката  да носи маска тип FFP3 или P100, да го измолзува млекото и некој што не е болен да го нахрани бебето.

Во Македонија според последните податоци на Министерството за  здравство се заразени 617 лица со овој опасен вирус, 35 од нив го победија и оздравеа, а за жал 29 ја изгубија битката.

Препораките на здравствените власти и министерот за здравство Венко Филипче е да се седи дома, оти така не само што се штити сопственото здравје туку и колективното здравје. Човечноста е на тест не само на граѓаните во Македонија туку и во целиот свет.

(В.Ма.)