Граѓаните можат да ги платат сметките онлајн и на терминали без провизија

777

Услужните претпријатија им олеснуваат на корисниците во услови на пандемија. Ако се земе предвид дека најчесто пензионерите сметките ги плаќаат во банка, за плаќање на комуналии, за парно, за телефон, на банката треба да и остават секој месец по 300 денари, а за една година 3.600 денари. Од неодамна и на шалтерите во поштите можат да се плаќаат овие сметки, но со пониска провизија од 35 денари. Плаќањето на сметките на телекомуникациските компании е полесно, бидејќи и Телеком. А1 и Телекабел и другите имаат раширена мрежа на продавници и салони каде што корисниците можат да си ги подмират сметките без провизија

Услужните претпријатија како што се „Балкан енерџи груп“, ЕВН, ЈП „Водовод и канализација“ , немаат пунктови во сите населби, или општини, за да бидат што поблиску до местото на живеење на граѓаните. Затоа им даваат можност на граѓаните сметките да ги плаќаат онлајн со користење на важечка платежна картичка, преку траен налог, или пак, на шалтер.

Последниов вид на плаќање претставува проблем особено за возрасните граѓани, но и за некои помлади, кои што немаат платежна картичка, или не сакаат да плаќаат онлајн, или пак, шалтерите на претпријатијата им се премногу далеку, односно, за да стигнат до таму треба да користат јавен градски превоз, при што ризикуваат да се заразат во полните автобуси.

Голем дел од граѓаните што по навика, или од друга причина до сега морале да си ги плаќаат сметките за вода, струја и парно во банките се принудени да плаќаат провизија на банката која за извршената услуга наплатува 60 денари по сметка.

Ако се земе предвид дека најчесто пензионерите, сметките ги плаќаат во банка, за плаќање на комуналии, за парно, за телефон, на банката треба да и остават секој месец по 300 денари, а за една година 3.600 денари.

Од неодамна и на шалтерите во поштите можат да се плаќаат овие сметки, но со пониска провизија од 35 денари.

ЕВН има само неколку наплатни пунктови и не дозволува плаќање во готово на шалтер. Единствено можат да се користат терминалите, преку платен налог, а може да се плаќа и онлајн. За плаќањето преку терминали не се наплаќа провизија, исто како што не се наплатува провизија преку онлајн плаќањето. Терминали за плаќање има во инфо центарот во ГТЦ и пред другите кориснички енерго центи низ градот и во Републиката.

„Балкан Енерџи“, пак, има три наплатни пункта каде што може да се плаќаат сметките во готовина, или со платежна картичка. Тие се: наплатен пункт – Исток на улица „Јане Сандански“ број 49,  наплатен пункт – Центар на булевар „Кочо Рацин“, број 33 кај Олимпискиот базен и наплатниот пункт – Запад што се наоѓа на улица „Лондонска“ број 8. Во овие наплатни пунктови потрошувачите не плаќаат провизија, како и оние што го користат електронското плаќање преку веб-страницата на „Балкан енерџи“.

До пред два дена, ЈП „Водовод и канализација“ беше единственото претпријатие кое немаше ниту еден наплатен пункт, па граѓаните мораа да ги плаќаат сметките исклучиво на шалтерите во неговата дирекција, или пак, во банка или  пошта каде што треба да платат провизија. За оние со платежна картичка на лесен начин беше овозможено сметката од својот дом да ја платат електронски на веб страницата на ЈП „Водовод и канализација“.

Сега претпријатието овозможи и дополнителен начин на плаќање на сметките со поставување апарати за наплата и тоа во „Супертинекс 1“- ГОДЕЛ, во дирекција на ЈП „Водовод и канализација“, во Одделението за грижа на корисниците во ЈП „Комунална хигиена“ и последно со поставување и во ГТЦ на приземје.

Апаратот во приземјето на ГТЦ е поставен на почетокот на април, каде што корисниците имаат можност за преглед на фактурите и наплата на истите со користење на мастер и виза-картичките од сите банки. Освен тоа, корисниците имаат можност за електронски пристап до услугите на ова ЈП преку www.vodovod-skopje.com.mk и мобилната апликација достапна за Android и iOS.

Плаќањето на сметките на телекомуникациските компании е полесно, бидејќи и Телеком. А1 и Телекабел и другите имаат раширена мрежа на продавници и  салони каде што корисниците можат да си ги подмират сметките без провизија.

Исто така, Комерцијална банка од ноември, минатата година им овозможи на корисниците на услугите на А1 со платежни картички да си ги платат сметките без провизија на дигиталните киосци во дигиталната експозитура на оваа банка на улица „Македонија“ и во реновираната експозитура „Бисер“ во населбата Јане Сандански. Оваа услуга претходно им беше достапна и за сметките на ЕВН, „Балкан енерџи“, „Телеком“ и „Телекабел“.  

(С.Бл. – А.П.)